Како што е познато, неодамна документарецот „Приказната за Силјан“ на Тамара Котевска доби две номинации за престижните награди „Синема ај“ (Cinema Eye Honors), кои се доделуваат за документарна продукција.

Во рамките на „Синема ај“, „Силјан“ доби номинација за „Audience Choice Prize“ (награда по избор на публиката). Ова признание, според „Синема ај“, е важен индикатор за потенцијалниот успех на филмот во претстојната наградна сезона, вклучително и за „Оскарот“ за најдобар документарен филм.

-Денес започнува вториот дел од гласањето за Cinema Eye Honors Audience Choice Prize. Ова е момент во кој публиката има клучна улога, а наградите се доделуваат врз основа на освоениот број на гласови. Македонија може да гласа, а гласањето се затвора на 16 декември, во 02.00 часот, се вели во соопштението на Агенцијата која работи ПР за филмот „Приказната за Силјан“ во Македонија.

Оттаму за гласање за филмот „Силјан“ го испраќаат следниот линк: https://cinemaeyehonors.com/audience-choice-voting/

Инаку, „Силјан“ за оваа награда се натпреварува со силни конкуренти од Бразил, Палестина, Гана, Нов Зеланд, Украина и други земји.

Покрај ова, „Силјан“ на „Синема ај“ ја доби и номинацијата за Outstanding Achievement in Cinematography (извонредно достигнување во кинематографијата), за кинематограферот Жан Дакар, за неговиот автентичен визуелен пристап и суптилната, но длабоко филмска естетика што го обележува филмот.

Наградите „Синема ај“ ќе се доделат на 8 јануари, во Њујорк.

Како што е познато, третиот документарец на Котевска е македонски кандидат за наградата „Оскар“ за најдобар интернационален филм, а откупен од „Нешнал џеографик документари филмс“, трча за номинација и на документарното натпреварување за „Оскарите“. Филмот, инспириран од познатата македонска бајка, ја следи судбината на Никола, земјоделец кој по тешка криза останува сам и на депонија пронаоѓа бел штрк со повредено крило.

-Дали „Приказната за Силјан“ ќе влезе во потесната листа за Оскари ќе биде објавено на 16. декември во 22.00 часот од страна на Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука, додаваат од агенцијата.

ИЗДВОЕНИ