Македонија може да биде логистички центар за производите што ќе се извезуваат на американскиот пазар

Македонија има пониска царинска стапка од поголем дел земји во окружувањето. Тоа, според економистите, може да биде голема можност за нашата држава да биде логистички и производствен центар за стоки наменети за американскиот пазар. Сепак, ставовите во однос на тоа дали може да се намали царинската стапка за Македонија се поделени. Едни сметаат дека теоретски е возможно тоа, но мора да се исполнат и други услови, додека други сметаат дека ова е еднострана одлука на САД, која е донесена врз основа на анализа на досегашната економска соработка и на стратешкото партнерство

1441

Стапија на сила новите американски царини, кои за земјите од Западен Балкан изнесуваат од 10 до 35 проценти. Првично објавената царинска стапка за македонските стоки од април изнесуваше 33 отсто, што значи дека новата стапка од 15 отсто е повеќе од двојно пониска. Американскиот претседател, Доналд Трамп, објави минимална глобална царинска стапка од 10 отсто, додека за земјите со кои имаат САД значителен трговски дефицит ќе има стапка од 15 отсто, па нагоре. Од европските земји, најмногу е погодена Швајцарија, со стапка од 39 отсто, додека повисока стапка од Македонија имаат Србија од 35 отсто и Босна и Херцеговина од 30 отсто. Хрватска и Словенија, како членки на ЕУ, имаат иста царинска стапка како нашата – од 15 отсто, додека Црна Гора и Албанија имаат пониска стапка – од 10 отсто.

Економските експерти сметаат дека пониската царинска стапка за извоз на македонските производи на американскиот пазар во однос на другите земји во регионот нема да ѝ донесе инвестициска предност на државава, но може да биде логистички и производствен центар за стоките намети за американскиот пазар. Според нив, пониските царински стапки може да бидат предност, но се само еден од повеќето фактори што инвеститорите ги земаат предвид при донесувањето одлука за инвестирање.

– Кога станува збор за странските инвеститори, тие ги анализираат целосниот бизнис-амбиент, царинскиот режим, даночната политика, трошоците за работна сила, стабилноста на институциите, дигиталната и физичката инфраструктура, владината поддршка и предвидливоста на регулативата. Македонија има поволности, кои може да ѝ дадат предност како униформна и ниска царинска стапка, поволен ДДВ- режим за одредени индустрии, пристап до ЕУ-пазарот преку Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА), членство во ЦЕФТА и безвизен режим и договори со САД, кои овозможуваат подобри услови за трговија и за инвестиции. Значи, пониската царинска стапка е предност, но клучно е да се работи паралелно на унапредување на целиот инвестициски екосистем за да се искористи таа предност. Одлична можност за Македонија е да се позиционира како логистичка и производствена точка за американските компании што сакаат да имаат пристап до ЕУ, но со помали трошоци и со стабилно оперативно окружување – изјави економскиот експерт и универзитетски професор Синиша Наумовски.

Според него, царинската стапка за Македонија теоретски може да се намали, но тоа зависи од повеќе фактори, вклучувајќи ги економските приоритети, фискалниот капацитет и трговските обврски на државата.

– Македонија веќе има релативно ниски и едноставни царински стапки во споредба со регионот, особено за суровини, репроматеријали и опрема што се користи во индустриското производство. Тоа ја прави конкурентна за инвеститорите што увезуваат компоненти, а потоа извезуваат готов производ. Дополнително, Македонија веќе обезбедува ослободување од царини за одредени категории на увоз, особено за компаниите во ТИРЗ-зоните и за стратешките проекти. Тоа покажува дека има простор за намалување на царините во секторите што генерираат висока додадена вредност или вработување. На долг рок, ако продолжи да расте економијата и ако напредува Македонија кон членство во ЕУ, можно е и целосно усогласување со европската царинска политика, што би значело понатамошна либерализација – смета Наумовски.

Дел од експертите сметаат дека пониската царинска стапка за извоз на македонските производи во САД нема да ѝ донесе инвестициска предност на нашата држава, пред сè поради непредвидливоста на Трамп.

– За да заживее една инвестиција, потребно е многу време од документација до реализација и потребна е предвидливост. Но, со царините на Трамп, нема таква предвидливост. Вие гледате што се случи за краток временски период, неколку пати ја промени одлуката. Не верувам дека ќе се намалат царините за Македонија, но добро е што царинската стапка за Македонија е 15 отсто и е пониска од онаа на Србија и на Босна и Херцеговина – изјави Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија.

Според него, компаниите од земјите во окружувањето што имаат повисоки царински стапки, може да стапат во контакт со македонските компании заради трговско-производствени и реекспортни услуги. Со други зборови, Македонија може да биде логистичка поддршка за стоките наменети за американскиот пазар. Овој начин се практикуваше и порано за надминување трговски и политички бариери.

– Царинската стапка од 15 отсто за нашата држава нема да се намали, бидејќи Трамп нема да преговара со секоја земја посебно. Ова е еднострана одлука на САД, која е донесена врз основа на анализа на досегашната економска соработка и на стратешкото партнерство – појасни Бошков.

Аналитичарот Синиша Пекевски смета дека со оглед на тоа што извозот на македонски производи во САД не е голем и изнесува само околу 120 милиони американски долари, царините нема да имаат значајно влијание.

– Реално, не очекувам да паднат царините, а и да паднат, нема да има значајно влијание врз македонската економија. Ние, како држава, извезуваме полупроизводи и суровини, а не готови производи, каде што профитот е најголем – вели Пекевски.
И ставовите на другите економски аналитичари со кои претходно го анализиравме влијанието на американските царини сметаат дека со оглед на тоа што 90 отсто од македонскиот извоз е во ЕУ, а во САД Македонија извезува само производи со помала додадена вредност, американските царини нема да предизвикаат потрес на македонската економија.

(А.С.)

Славески: Прерано е за ефект од американските царини

Гувернерот Трајко Славески смета дека е прерано да се насетат првите последици од воведувањето на американските давачки, кои засега за Македонија изнесуваат 15 проценти.

– Со оглед на тоа што е донесена оваа одлука буквално пред некој ден, дополнително ќе се спроведат потребните анализи. Сè уште немаме ефект од воведувањето на царините. Сепак, се чувствува значително задоцнување. Дури и предвидувањата на САД укажуваат дека ќе има влијание и кај нив и дека по пет-шест месеци ќе може да ги насетат првите ефекти. Треба да направиме анализи, да видиме во која мера би влијаело тоа. Сега немам прецизен податок за тоа – нагласи Славески.

Одлуката на САД според која македонските производи ќе бидат оданочувани со дополнителни 15 проценти, стапи на сила вчера, а беше донесена на 1 август.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува царините од САД за Македонија да се намалат под 15 отсто, бидејќи, како што изјави пред една недела, преговорите продолжуваат во втората половина од август, по летните одмори.

Министерството за финансии смета дека може да се намалат царините до 10 проценти, а според директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, до крајот на септември треба да се знае која царинска стапка ќе биде дефинирана.

ИЗДВОЕНИ