Пред македонската кошаркарска репрезентација е исклучително тежок, но и значаен натпревар за пласман во главната квалификациска фаза. Откако загуби од Романија на домашен терен, нашата сениорска селекција попладнево (18:00 часот) ќе има поправен во Солнок, каде што ќе ги одмери силите против фаворитот Унгарија. Двете селекции ги загубија првите натпревари во групата Б, па победата е императив доколку сакаат главна квалификациска фаза.

Доколку сака позитивен резултат, нашата селекција ќе мора да одигра многу подобро отколку на мечот со Романија, а за тоа е свесен е селекторот Марјан Илиевски.

  • Унгарците се една атлетска екипа, која игра брза и модерна кошарка. Екипа во која сите играчи шутираат од сите позиции. Нивниот играч Војвода е клучен играч во репрезентацијата. Сето она што треба да го направиме е да ја спречиме таа нивна игра во транзиција. Да се обидеме да ги затвориме сите отворени шутови. Сето она што е наша особина и наша карактеристика, колку што можеме да го подобриме нападот. Одбраната е желба, и таа постои кај нас. И нормално е дека секогаш постои простор да се поправи. Верувам дека тоа, заедно со малку поголема самодоверба кај младите играчи да го реализираат тоа во нападот, ќе изгледа многу поразлично – истакна Илиевски.

Ако има некој рецепт за успех, Ташовски смета дека тоа, во прв ред, треба да биде намалувањето на грешките, присутни на нивниот премиерен меч во Куманово.

  • Во дуелот со Унгарија, треба да се обидеме да ги намалиме грешките. Колку помалку грешки – толку подобро. Мислам дека нашата транзиција беше делумно добра. И сметам дека ако имаме подобра транзиција, можеме да извадиме и подобар резултат на гости. Македонија треба да биде над своите можности. Веројатно, ќе бидеме во улога на аутсајдери на овој натпревар. Но, ништо не е нереално. Jас сум оптимист и ќе кажам дека одиме на победа. Како на натпреварот со Унгарија така и на следното гостување во Романија. Не е нереално да се победи и таму, така што очекувам победа на двата меча – смета Ташовски.

ИЗДВОЕНИ