Пред македонската кошаркарска репрезентација е нов претквалификациски циклус за пласман на ЕП 2029, кој почнува денеска (19:00 часот), со мечот против селекцијата на Азербејџан, на кој нашата селекција мора да ја оправда улогата на фаворит. Избраниците на селекторот Марјан Илиевски веруваат во позитивен исход и покрај бројните промени во составот.

  • Како што е веќе познато, во секој нареден циклус имаме нов состав. Се надевам на одлична, пред сè, тимска хемија, затоа што, за разлика од летото, имаме спој на младост и на искуство. Имаме играчи како Војдан Стојановски, потоа Стојан Ѓуроски, тука е и Андреј Јакимовски… сигурно на хартија сме подобра екипа отколку што бевме летоска. Пред сè, поискусна, подоминантна екипа. Се надевам на добри игри, на добри мечеви на енергетски и на тимски план и на позитивни резултати – истакна Адем Мекиќ.

Тој дополнува и дека предноста што ја носи домашниот терен, едноставно, мора да се искористи веднаш, уште на мечот со Азербејџан.

  • Првиот меч го играме дома, тоа е еден голем плус за нас. Овој циклус е таков каде што нема многу време за тактика. Во овој циклус ќе одлучуваат тимската хемија и енергијата. Прв противник ни е Азербејџан, немам јасна слика за него, но од она што го чув во Косово, затоа што тие играа претходно со него, информациите се дека игра цврста кошарка. Сигурен сум дека тренерите ќе ги обезбедат сите информации и ќе влеземе подготвени на натпреварот со нив – додава нашиот репрезентативец пред првите обврски во овој ФИБА-прозорец.

Свое видување околу противниците имаше и селекторот Марјан Илиевски.

  • Азербејџан и Ирска… Не постојат држави што не играат кошарка. Да не ги кажуваме предвреме нашите очекувања, секој пат ќе биде тоа да дадеме 100 % од себе и да победиме на мечевите. Азербејџан, од она што го имаме како информација, го менува странскиот играч. Претходно имаше центар, сега има плејмејкер. Се работи за играч што бил меѓу носителите низ клубовите, па сигурно е дека ќе се промени нивната тактика на теренот, затоа што имаат носител играч на друга позиција – вели Илиевски.

Во овој ноемвриски „прозорец“ на ФИБА, Македонија ќе одигра два натпревари, денеска ќе го пречека Азербејџан, а за три дена ќе ѝ гостува на Ирска. Инаку, влезот во СРЦ „Кале“ е бесплатен за сите љубители на кошарката.

ИЗДВОЕНИ