Изминатата 2025 година за Македонија почна со изјави на оптимизам и заврши со добро познато чувство на застој. Иако новата влада на стартот уверуваше дека евроинтегративниот процес ќе биде деблокиран и дека постои „прозорец на можности“, реалноста на крајот на годината покажа дека политичките услови и билатералните пречки и натаму ја држат земјата на истото место на патот кон Европската Унија.
Деновиве, уште на стартот на Новата година, премиерот Христијан Мицкоски рече дека реформската агенда од Планот за раст е значително забрзана, а најголем дел од предвидените чекори се веќе реализирани и очекува некаде во април да бидеме најдобри од државите во Западен Балкан.
-Она што заостануваше, а беше влезено во овој грејс период од една година до јуни 2025, односно 8 или 10 од тие 12 чекори се веќе завршени. Најголем дел од чекорите што требаше да се завршат до крајот на декември се завршени, да видиме што треба да се заврши, да се дозаврши и полека од април да го фатиме чекорот да бидеме најдобри од Западен Балкан. Тоа е нашата цел. Потоа оставаме на самата Европска унија дали ќе дозволи да биде заложник на билатерализација или објективно ќе ги гледа постигнувањата на земјите кои се кандидати за членство, рече Мицкоски.
Оптимистички старт и пораки за нова енергија
Но и лани, на самиот почеток на 2025 година, премиерот јавно истапи со став дека е умерен оптимист во однос на европската перспектива на државата. Владата најави поинаков пристап кон преговорите со ЕУ, фокус на реформи, но и поцврста позиција во однос на условите кои, како што беше посочено, ја надминуваат класичната рамка на европското право.
Тој предупреди дека процесот на пристапување во Европската Унија со ваквиот начин на одлучување се балканизираше наместо ние да се европеизираме.
Македонскиот премиер, на средби со високи европски претставници дома и во Брисел, го презентираше македонското барање за уставни измени со одложено дејство и порача дека Македонија досега направила доволно отстапки, како ниту една држава во ЕУ. По овие средби, Мицкоски сподели оптимизам со јавноста и порача дека земјава досега не добила антитези од Брисел за ставовите за уставни измени со одложено дејство. Мицкоски изрази подготвеност да се сретне со високи претставници на Софија и да разговара со нив каде било на оваа тема, но до таква средба не дојде во 2025 година.
Во тој период, од Брисел стигнуваа внимателно формулирани пораки на охрабрување, но и јасни сигнали дека без исполнување на преземените обврски, особено уставните измени, напредокот ќе остане ограничен. Европски лидери јавно го промовира проширувањето како геополитички приоритет и испраќаа пораки дека на Унијата ѝ се потребни успешни приказни од Западен Балкан.
Странците си ги бранат нивните интереси, ние мораме своите
Амбасадорот од кариера, Ристо Никовски, во изјава за весникот ВЕЧЕР вели дека „откако си замина власта, којашто целосно ги предаде фундаменталните интереси на македонскиот народ, максимално е променета нашата реторика кон Унијата, што е одличен исчекор“. Тој стакнува дека на ЕУ и беше посочено дека тоа што ни го прават е неприфатливо, дека така ги кршат и своите основни принципи и вредности и дека промени се неопходни.
-На Брисел му е кристално јасно дека сме во право, дека со преговарачката рамка сме понижени и оштетени што, на некој начин, со своја изјава го потврди и претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Меѓутоа, нема никаква основа ЕУ да го промени својот однос кон Македонија, ако не ја присилиме на тоа. А, можеме, релативно многу лесно. Универзално правило е дека преземена обврска или се исполнува, или се откажува. Трето нема. Нашите претходни капитуланти, на крајно нелегален, дури и самоубиствен начин, прифатија да го менуваме Уставот, како нешто што во никој случај не смееме да го направиме бидејќи води во бришење на македонизмот. За Брисел, тоа беше излез од ќор-сокакот во којшто ги доведе Бугарија, и не само таа, и тие, нормално, се држат до тоа. Немаат никаква причина да се откажат од решение со коешто беше потврдена нивната функционалност, вели поранешниот амбасадор.
Според Никовски, ако сакаме да се промени односот на Брисел кон Македонија – ние сме на потег и единствен начин да ги натераме на тоа е откажување на вториот протокол, со што во вода паѓаат и промената на Уставот, и катастрофалната преговарачка рамка, со која Македонија нема никогаш ниту да се приближи до ЕУ.
-Друго решение нема, ниту може да има. Затоа, 2026 година ќе биде по многу што одлучувачка, да не кажеме и критична за иднината на земјата. По реториката, мора да следува – акција. Без тоа, нема да има успех. Нема никаква можност за некаков трет протокол. Голема помош за нашите политичари е што вториот протокол е на Уставниот суд, благодарејќи на Лилјана Поповска. Тој е апсолутно неуставен, и Судот мора да го поништи. Тоа ќе биде излез. Во однос на евро интеграциите, освен променетиот вокабулар, во целина, 2025 година може да се оцени како неуспешна. Не е постигнат никаков конкретен напредок, а делумна причина за тоа се и локалните избори. Токму затоа, предизвикот за нашите политичари во 2026 е огромен. Ако тие не го испорачаат тоа што мораат, лошо ни се пишува. Странците си ги бранат нивните интереси, ние мораме своите, заклучува амбасадорот Никовски.
Европски контакти и дипломатска активност
Во текот на годината, евроинтегративниот процес беше придружуван и со засилена дипломатска активност. Македонија беше дел од агендата на повеќе високи европски претставници. Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во рамките на своите средби со лидерите од Западен Балкан, ја реафирмираше европската перспектива на регионот, но и принципот дека проширувањето е процес базиран на заслуги и исполнети услови. Кошта среде Софија изјави дека Скопје мора да ги исполни своите обврски за да напредува кон ЕУ, но, исто така, дека е разумно земјава да добие гаранции. Тоа беше исчекор во однос на позицијата на Брисел од посетата на претседателот на Европскиот совет во Скопје, во мај лани, кој тогаш беше дециден дека нема план Б и дека нема што повеќе да се договара.
Високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, во своите јавни настапи и контакти со македонските власти нагласи дека стабилноста, владеењето на правото и регионалната соработка се клучни за европскиот пат на земјата.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, како дел од својата балканска турнеја, дојде во Македонија во сензитивен политички момент за земјава, само неколку дена пред гласањето на локалните избори. Разбирливо, Фон дер Лајен при таа посета не даде изјави за медиумите, но, преку социјалните мрежи ни порача „топката е во вашиот двор“.
Реформи, но без пробив
Во текот на годинатa, во оцените за напредокот во владеењето на правото, судството и во борбата против корупцијата, европските институции нотираа одредени чекори напред, но тие не беа доволни за отворање на следната фаза од пристапните преговори.
Во ноемврискиот извештај за напредокот на земјите кандидати, Европската комисија оцени дека Македонија не презела „одлучни чекори“ во процесот на евроинтеграција во изминатата година. Главна забелешка останува недонесувањето на уставните измени, кои се услов за отворање на првиот кластер во преговорите со Европската Унија. Во извештајот се истакнува дека земјата продолжила со целосното усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, што ја потврдува нејзината стратешка определба. Комисијата, сепак, укажува на потребата од засилена борба против корупцијата и организираниот криминал, како и од зајакнување на владеењето на правото и независност на судството.
Премиерот Христијан Мицкоски, оценувајќи го извештајот, порача дека Македонија нема назадување во евроинтеграциите и е меѓу најподготвените земји во регионот, веднаш по Црна Гора. Тој нагласи дека Владата останува фокусирана на реформите, особено на владеењето на правото и на борбата против корупцијата. На брифинг со новинарите, македонскиот премиер рече дека во Софија „нема партнер за танго“.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, пак, предложи идеја за можен трет протокол, како едно од креативните решенија за излез од статус кво состојбата.
Паралелно со политичкиот застој, земјата бележеше практични форми на приближување кон ЕУ, особено на економски план, преку европските финансиски инструменти и вклучувањето во заедничките механизми како СЕПА, што беше оценето како конкретна придобивка за граѓаните и за бизнисите.
Минатото лето, Скопје беше домаќин на самитот на ЕУ – Западен Балкан, на кој централна тема беше Планот за раст и развој на регионот. Во фокусот на дискусиите, покрај економските перспективи, неизбежни беа и политичките предизвици, особено спорот со Бугарија, кој и понатаму го условува патот на Македонија кон Европската Унија.
Посетата на еврокомесарката за проширување и добрососедска политика, Марта Кос, на Скопје мина со уверување дека македонскиот идентитет не може да биде предмет на политичко одлучување. Но, изјавите во кои идентитетот беше сведен на пинџур, погача и тавче-гравче, а притоа беше избегнато прашањето за историските личности и наративи кои се суштински за Македонија, отворија нова дебата: дали Европската Унија навистина ја разбира длабочината на македонското прашање? Премиерот Христијан Мицкоски реагираше јасно: „Мојот идентитет не е само македонската кујна – тој е и Гоце Делчев, и Шапкарев, и Илинден, и Миладиновци…“
Набрзо потоа, трите највлијателни политички групации во Европскиот парламент: Европската народна партија, Социјалистите и демократите и либералната група Обнова постигнаа договор за целосно бришење на термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од нацрт-извештајот за напредокот на Македонија. Премиерот Мицкоски го оцени овој потег како „талибански начин“ на политичко и идентитетско бришење.
Потоа следуваше дијалог на релација Скопје – Софија, сведен на басна, кога влегоа „лавот“ и „глушецот“ во дипломатската арена, тогашниот бугарски министер за надворешни работи, Георг Георгиев, го нарече премиерот Христијан Мицкоски „северномакедонски премиер“, на што Мицкоски реагираше дека „глушецот го задева лавот“.
Бугарското прашање остана клучна пречка
И во 2025 година, односите со Бугарија останаа најчесто споменуваната пречка на европскиот пат. Недостигот на политички консензус околу уставните измени и гаранциите што ги бара Македонија од ЕУ ја држеа во состојба на статус кво, и покрај тоа што формално ги имаме отворено преговорите.
Официјална Софија уште еднаш на дело го потврди широкиот општествен консензус во земјата во однос на македонските евроинтеграции. Со апсолутно мнозинство од 194 гласа „за“, Народното собрание на Бугарија во мај одобри резолуција за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Во резолуцијата, Софија потенцира дека прв значаен чекор во врска со напредокот на Македонија кон ЕУ е „вклучувањето на Бугарите во Уставот, на рамноправна основа со другите народи во земјата“, што „ќе им гарантира правна еднаквост во мултиетничкото општество за кое Република Северна Македонија постојано тврди дека успешно го изградила“. Но, исто така, бугарското Народно собрание предупредува и дека обврските наведени во европскиот компромис од 2022 година се далеку од тоа да бидат ограничени само на уставни измени, туку наведуваат дека резолуцијата содржи голем број други клучни елементи.
Македонската страна даде предлог за заедничка резолуција меѓу Македонија и Бугарија со која во Европскиот парламент би се потврдила посебноста на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет, но официјална Софија немаше одговор на ваквата иницијатива.
Поранешната пратеничка и претседателка на ДОМ, Лилјана Поповска, поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на вториот протокол со Бугарија. Со иницијативата се оспоруваат правниот карактер и постапката на неговото донесување, со тврдење дека документот не ги исполнува уставните и законските критериуми за меѓународен договор. Иако имаше најави за одлука по летните одмори, Уставниот суд сè уште нема донесено конечна одлука за ова прашање.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, летово изјави дека каква и да биде одлуката на Уставен, тоа нема да влијае врз реализацијата на нашата стратешка цел, ниту ќе влијае на каков било начин врз содржината на преговарачката рамка.
Во обид да се деблокира македонскиот евроинтегративен пат од историско-идентитетските прашања наметнати од Бугарија, Германија се појави со нов, дипломатски сензитивен предлог: билатералните спорови да се решаваат преку арбитража, а не преку политичко вето. Додека официјално Скопје во предлогот виде можност за институционално решавање на долготрајниот спор, неминовно во јавноста се постави прашањето зошто да се верува во арбитражен механизам кога Бугарија не ги почитува ниту пресудите од меѓународните судови како Судот на правдата во Хаг и Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Во Софија владееше молк и за овој прелдог.
Година на реалност, не на пресврт
На крајот од 2025 година, Македонија останува кандидат со јасна европска перспектива, но без конкретен исчекор во преговарачкиот процес. Годината покажа дека оптимизмот од јануари не бил доволен за да се надминат длабоките политички и дипломатски јазли.
Европската Унија остана присутна – со пораки, посети и финансиска поддршка – но и доследна во пораката дека проширувањето не е автоматски процес. За Македонија, 2025 беше уште една година на чекање, во која европската врата остана отворена, но без чекор напред преку прагот.
По несреќната изјава дека македонскиот идентитет е пинџур, погача и тавче-гравче, еврокомесарката Марта Кос испрати симболична порака и на последниот самит ЕУ – Западен Балкан кон средината на декември – таа најави дека по завршувањето на техничкиот дел од преговорите, ќе се искачува на највисоките врвови во земјите кандидати, меѓу кои и Кораб, испраќајќи метафорична порака дека европскиот пат е тежок и стрмен, но достижен за оние што упорно чекорат кон врвот. (В.С.Н.)












