Македонија сè уште не е влезена во системот на инстант плаќање заедно со другите земји од Западен Балкан, кои се подготвуваат од наредната година да го стават овој систем да биде целосно оперативен. Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, најави дека на годишните средби на ММФ и на Светската банка, кои ќе почнат на 15 октомври, ќе го потпише писмото на намери, со кое нашата земја ќе влезе во системот на инстант плаќање заедно со другите земји од Западен Балкан. Тој нагласи дека ова е уште еден чекор до интеграција во системите за плаќање од Европската Унија, што ќе биде од полза и за македонските граѓани и за македонските претпријатија

На 6 октомври 2025 година Македонија ќе го стартува системот за плаќања во рамките на Единствената област за плаќање во евра (СЕПА) – (SEPA – Single Euro Payments Area), со кој се интегрира на повисоко ниво внатрешниот пазар со оној на ЕУ и се овозможува изедначување на условите за плаќање во евра за сите учесници, независно од нивната местоположба, односно изедначување на националните и на прекуграничните плаќања во евра.

Се очекуваше со ИБАН-системот на инстант банкарско плаќање во реално време да се заокружи целиот процес. Меѓутоа, Македонија сè уште не е влезена во системот на инстант плаќање заедно со другите земји од Западен Балкан, кои се подготвуваат од наредната година да го стават овој систем да биде целосно оперативен.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, најави дека на годишните средби на ММФ и на Светската банка, кои ќе почнат на 15 октомври, ќе го потпише писмото на намери, со кое нашата земја ќе влезе во системот на инстант плаќање заедно со другите земји од Западен Балкан.

– Во Вашингтон, на 15 октомври, ќе го потпишам писмото на намери, и со тоа влегуваме заедно со петте земји што се подготвуваат од наредната година овој систем да биде целосно оперативен – истакна Славески по презентацијата на проектот за модернизација и унапредување на статистиката и платните системи на Народната банка, со поддршка на ЕУ.

Тој нагласи дека ова е уште еден чекор до интеграција во системите за плаќање од Европската Унија, што ќе биде од полза и за македонските граѓани и за македонските претпријатија.

– Станува збор за систем за инстант плаќање, за систем во реално време што се извршува за неколку секунди, каде што процесот на порамнување не завршува во 14:00 или во 15:00 часот, туку работи 24/7. Тоа е систем на ЕЦБ, која ја има овластено Банката на Италија да изработи клон и да му го понуди тој клон на системот ТИПС на земјите од Западен Балкан. Србија има сопствен систем во рамките на централната банка и е надвор од тој процес. Во јануари, четири од другите пет земји од Западен Балкан го потпишаа писмото на намери. Наша делегација била присутна во Рим, но не знам кои причини не била дадена согласност. Јас уште со самото стапување на функцијата разбрав што се предностите на овој систем, ги направивме консултациите и ја известивме Банката на Италија дека ние сме целосно подготвени да влеземе во тој процес – нагласи Славески.

Инаку, од следниот месец, во земјите на ЕУ нема повеќе да има чекање уплатата преку банка да легне на сметката на примачот за два дена, туку плаќањата ќе бидат брзи, во рок од неколку секунди, независно во кое време од работниот ден, викенд или празник. Со тоа, конечно, ќе заживее во целост европската уредба за платежни услуги, донесена во 2023 година. Со оваа услуга, дополнително се поставува рамката за модерни плаќања и се нагласува важноста на оваа услуга за граѓаните и за компаниите.

– Ние ќе се трудиме навремено да бидеме оперативни, заедно со сите други земји од Западен Балкан – подвлече Славески.

Народната банка, со поддршка од Европската Унија, започна со остварување на проектот „Зајакнување на капацитетот на Народната банка во областа на екстерните статистики, платежната статистика и платните системи“. Целта на проектот е модернизација на институцијата и приближување до европските стандарди, што ќе овозможи посигурни услуги и поголема доверба кај јавноста.

Проектот се состои од две клучни компоненти: статистиката и платните системи, области што претставуваат темел на монетарната политика и на модерната финансиска инфраструктура.

Првата компонента се однесува на воспоставување склад на податоци за екстерните статистики, а втората компонента е усвојување на новиот светски стандард ИСО 20022 во платниот систем МИПС. Усвојувањето на овој меѓународен стандард ќе ја засили интероперабилноста помеѓу домашните и меѓународните платни системи, а особено платните системи со кои управува Европската централна банка и во рамките на Единствената област за плаќања во евра (СЕПА), како основа за забрзување, поедноставување и поевтинување на прекуграничните плаќања во иднина. Придобивките од овие промени, несомнено, ќе ги почувствуваат сите сегменти на економијата: банките, компаниите, населението и државата. Со оваа трансформација се создаваат предуслови за поефикасни финансиски пазари, посилна конкурентност и за поефикасно управување со ликвидноста на банките и на компаниите, како и за подобро корисничко искуство за граѓаните.

– Ова не е само технички проект туку и инвестиција во отпорноста, транспарентноста и довербата — инвестиција во модернизацијата на банкарскиот систем. Приклучувањето на Северна Македонија кон Единствената област за плаќања во евра оваа година ќе придонесе за надградба на статистичката и на платежната инфраструктура, што дополнително ќе ја усогласи земјата со европските стандарди и ќе донесе конкретни придобивки за граѓаните, компаниите и за економијата во целина – истакна амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас.

Овој проект е значаен чекор кон модернизација на Народната банка и кон приближување кон европските стандарди, со директни придобивки за граѓаните, компаниите и за целокупната економија.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ