Европската комисија предлага укинување на мобилните услуги меѓу ЕУ и Западен Балкан, со тоа што ќе се отворат преговори со Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија за укинување на трошоците за мобилни услуги. Договорите ќе овозможат граѓаните и компаниите да користат повици, СМС и мобилни податоци по домашни цени. Ова е важен економски и практичен чекор во интеграцијата на регионот

 

Со денешната одлука за усвојување преговарачки мандати, Европската комисија формално го отвори патот за укинување на роамингот меѓу Европската Унија и земјите од Западен Балкан. Предлогот предвидува започнување билатерални преговори со Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија, со цел нивно приклучување кон европската „роаминг како дома“ зона.

Комисијата од Советот на Европската Унија побара одобрение за отворање на преговорите. Откако ќе добие зелено светло од земјите членки, ќе следуваат поединечни договори со секоја држава од регионот, кои ќе треба целосно да се усогласат со правилата на ЕУ за роаминг.

Доколку договорите бидат финализирани и усогласени, граѓаните и компаниите од Западен Балкан нема да плаќаат дополнителни трошоци за повици, СМС-пораки и мобилни податоци при патување во ЕУ. Истото ќе важи и за граѓаните на ЕУ кои патуваат во регионот – мобилните услуги ќе се наплаќаат по домашни цени.

Ова претставува значаен чекор во практичната интеграција на регионот во единствениот дигитален пазар на Унијата. Во моментов, иако постојат доброволни договори меѓу одделни мобилни оператори, тие не гарантираат унифициран и траен режим без дополнителни трошоци.

Добрата вест ја објави европската комесарка за проширување, Марта Кос, која оцени дека високите роаминг-трошоци остануваат проблем низ целиот Западен Балкан.

– Неочекуваните сметки за време на патувањето се нешто што веќе не го прифаќаме во ЕУ. Денес предложивме да започнеме преговори со цел да се прошири овој режим и на Западен Балкан – напиша таа.

Аналитичарите сметаат дека предлогот има и симболика, бидејќи испраќа порака дека интеграцијата не се мери само преку политички поглавја и технички критериуми, туку и преку секојдневни придобивки за граѓаните.

– Укинувањето на роамингот би ја зголемило мобилноста, би ги намалило трошоците за бизнисите и би го олеснило туристичкиот и економскиот проток меѓу ЕУ и регионот. Сепак, процесот ќе зависи од брзината на одобрување од страна на Советот и од подготвеноста на секоја земја да ги усогласи своите регулативи и телекомуникациски пазари со европските стандарди. Доколку преговорите се одвиваат без застој, Западен Балкан би можел да стане дел од европската роаминг-зона – не само политички, туку и практично – коментираат аналитичарите.

НОВ РЕЖИМ ЗА ВЛЕЗ ВО ОБЕДИНЕТОТО КРАЛСТВО – Британија воведува електронски патни дозволи за 85 земји, Македонија не е на листата

Обединето Кралство воведе задолжителни електронски патни дозволи (ETA) за државјани од 85 земји кои досега можеа да патуваат без виза. Според соопштението на Министерство за внатрешни работи на Обединетото Кралство, авиокомпаниите нема да им дозволуваат влез во авион на патници кои немаат електронска дозвола, електронска виза или друг валиден документ за влез.

Системот предвидува сите посетители на кои не им е потребна класична виза да аплицираат онлајн и да платат 16 фунти за електронска дозвола пред патување. Иако механизмот беше воведен во 2023 година и постепено проширен, сега започнува негово целосно и строго спроведување. Исклучок од обврската имаат британските и ирските државјани, како и лицата со регулиран престој во земјата.

Македонија не се наоѓа на листата од 85 земји затоа што македонските државјани и досега немаа право на безвизен влез во Обединетото Кралство. Тие и понатаму мора да аплицираат за стандардна виза пред патување, па новиот систем за електронска дозвола се однесува само на земји со безвизен режим. Тоа значи дека за македонските граѓани нема промена во процедурите – останува обврската за редовна виза, освен во случаи кога лицето има друг валиден престој или специјален статус.

Воведувањето на ETA доаѓа во период кога и Европска Унија ги засилува граничните контроли за британските државјани преку новиот систем за влез/излез, по Брегзит. Велика Британија официјално ја напушти ЕУ во 2020 година, по што постепено се воведуваат нови дигитални механизми за контрола на движењето на патниците од двете страни.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ