Доколку Европа не отстапи од планот за воведување на јаглеродната такса кај земјите членки на Енергетската заедница (ЕЗ), наместо интеграција со земјите членки на ЕУ и формирање еден заеднички европски пазар, ќе ни се случи тргување со електрична енергија исклучиво меѓу земјите што не се членки на ЕУ, посочи Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), на трибината посветена на предизвиците во енергетскиот секторот, насловена „Центар за енергетска политика на Западен Балкан“, која се одржа во Приштина.

Бислимоски, како што информираат од РКЕ, образложил дека крајната цена на електричната енергија што се нуди на отворениот пазар нема да биде конкурентна, затоа што ќе се зголеми поради јаглеродната такса.

– Ние може да ја усвоиме најдобрата легислатива, но клучно е какви резултати дава спроведувањето одреден закон во практиката. Сите земји членки на Енергетската заедница соработуваат и испорачуваат реформи, затоа што тоа е единствениот начин да се оди напред. Кај нас, усвоени се првиот, вториот и третиот енергетски пакет, а сега и четвртиот се спроведува. Ако се анализира изминатиот период, може да се заклучи дека сите земји одат напред: берзите за електрична енергија функционираат, имаме зајакнување на меѓуграничните капацитети, а тоа е подготовка за спојување на пазарите, што, пак, ќе придонесе за привлекување нови инвестиции – посочил Бислимоски.

Западен Балкан, додал, има сонце и ветер и ако ги погледнеме бројките, од почетокот на енергетската криза, сите инвестиции се токму во постројки за обновливи извори.

– Сепак, производството на струја од јаглен е присутно и доминантно, затоа што од овој ресурс се обезбедува базна енергија, која е клучна за стабилноста на електроенергетскиот систем. Со спроведувањето на јаглеродната такса, ќе се блокира интеграцијата на земјите од Западен Балкан со земјите членки на ЕУ. Нема шанси сопственик на производствен капацитет од овие земји да извезува надвор од ЕУ и ќе останеме затворени во регионални рамки – порачал Бислимоски.

Нагласил дека е неопходно граѓаните да ги почувствуваат придобивките од реформите што се спроведуваат и дека треба да биде свесна Европа дека тие мора да бидат поддржани низ процес на субвенции.

– Ние живееме во средина каде што воздухот е исклучително загаден и трошиме многу пари за лекување на граѓаните. Енергетските реформи се тесно врзани со животната средина. Прашањето е едноставно: како придонесуваат овие реформи за подобра животна средина? Треба да се објасни колку пари трошат нашите здравствени институции поради загадениот воздух. Мерки мора да има, граѓаните мора да знаат дека политиката на реформи во секторот дава резултати и дека ќе се смени наративот. Неопходно е во целост да се реконструира финансиската помош за ранливите потрошувачи и да се ремоделираат условите за употреба на фотоволатичните централи кај домаќинствата. На овој начин, граѓаните ќе разберат дека реформите се за заедничко добро – изјавил Бислимоски.

Амбасадори, високи економски дипломатски експерти, енергетичари од Енергетската заедница и од Европската комисија беа дел од дебатата која се одржа во Приштина и на која се разговараше за развојот на енергетската политика на Западен Балкан.

 

 

ИЗДВОЕНИ