Новите царински стапки од 10 до 41 % од САД кон десетици држави ќе стапат на сила од 7 август, при што Македонија ќе се соочи со царини од 15 %, што е на ниво на цела ЕУ. Премиерот Христијан Мицкоски и директорот на македонската Царинска управа, Бобан Николовски, најавуваат продолжување на разговорите со администрацијата на претседателот Доналд Трамп во втората половина од овој месец и очекуваат ново намалување на царините – на 10 %.
– Од она што го видовте од соопштението на Кабинетот на претседателот Доналд Трамп, ова е прва фаза, ова не е договор, бидејќи тој кажа дека ќе ги објави новите трговски маржи до 1 август. Кај нас се намалени од 33 на 15 %, но преговорите продолжуваат. Во моментов се наоѓаме на една, условно кажано, пауза. Веднаш по годишните одмори, кои ќе ги користат и администрацијата во Кабинетот на претседателот Трамп и канцеларијата на трговскиот претставник на САД, но и нашите луѓе во министерствата и во институциите, очекувам во втората половина на август да продолжиме со преговорите. Очекувам да одиме уште подолу – изјави Мицкоски.
– До крајот на септември ќе видиме која стапка ќе биде дефинирана, а според Министерството за финансии, можеме да одиме до 10 % – смета директорот Николовски.
Во соседството, од она што беше објавено, Србија доби царина од 35 %, за Босна и Херцеговина царината ќе изнесува 30 %, а најниска царина ќе има Црна Гора – 10 %. Земјите во Европската Унија, како и Јапонија и Јужна Кореја, ќе плаќаат по 15 %, како и Израел и Норвешка. Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, остро го критикуваше новиот царински договор меѓу Европската Унија и САД, нарекувајќи го „ужасен економски договор“ и „економски автогол“ за Европа.
– Не е само тоа што направивме лош договор, бидејќи сите европски стоки што се извезуваат во САД ќе бидат оданочени со царина од 15 %, додека американските стоки што доаѓаат во Европа нема да подлежат на царини. Исто така, се обврзавме да исполниме услови што, очигледно, не можеме да ги исполниме. Ова значи дека не ги решивме царинските спорови, туку дека ја загубивме првата битка – рече Орбан.
Швајцарија доби 39 % царина за стоките што ќе ги извезува во САД, што е највисока царина во Европа, четврти највисоки глобално, по Сирија, Лаос и Мјанмар (освен ако Трамп не ги оствари своите закани од 50 % царини, што би го ставило Бразил на врвот од листата). Веста во Швајцарија предизвика шок, само пред неколку недели швајцарската Влада беше оптимист. Претседателката Карин Келер-Зутер оствари лична средба со американскиот трговски секретар, Скот Бесент, а надежите беа за договор со САД со царини од 10 %, многу под првично предложените 31 % од Трамп. Но, само неколку часа пред рокот на 1 август, завршниот повик до Трамп не даде резултат. Уште полошо — царините беа зголемени на казнени 39 %. Има мал прозорец за преговори до 7 август, пред да стапат на сила царините. Ако не се намалат, швајцарските бизниси предупредуваат за илјадници откази. Главниот швајцарски извоз во САД го сочинуваат фармацевтските производи, накитот, часовниците и машинските алатки. А како можни потези што би ги презеле се повлекување на инвестициите, воведување реципрочни царини и откажување на нарачката за американските Ф-35 борбени авиони.
Белата куќа соопшти дека Канада е казнета затоа што не соработува доволно во борбата против фентанилот, а царините за канадска стока се зголемени од 25 на 35 %. На Мексико му е даден 90-дневен рок за преговори за нов трговски договор, додека Кина има рок до 12 август да постигне договор со Вашингтон. Според Белата куќа, стоката што ќе се обиде да ги избегне тарифите, ќе биде предмет на дополнителен данок од 40 %.
Објавата предизвика загриженост кај домашните бизнисмени во САД, бидејќи најтешко ќе ја погоди одбранбената индустрија.
Историски успех на Царината – за еден месец собрани 12 милијарди денари
Царината во јули собрала 12 милијарди денари, што е нејзин историски рекорд.
Минатиот јули наплатата изнесуваше 11 милијарди и 993 милиони денари, што е надминување од 5,4 % или тоа се 10,5 милиони евра повеќе од рекордната наплата што ја остваривме тогаш.
Раст на наплатата на приходи има од царинењето стоки за 21,6 %, од ДДВ при увоз за 3,8 %, од акцизите за 4,5 % и од данокот на моторни возила за 10,4 %.
– Царинската управа постави нови, повисоки стандарди, јасни и високи цели и веќе покажуваме континуитет во работата. Од денот кога го презедовме раководството, поставуваме нови рекорди – истакна директорот на Царинската управа, Бобан Николовски.
Главните два потока со кои се полни буџетот се приходите што доаѓаат токму од Царинската управа и од Управата за јавни приходи, која, пак, минатиот месец наплатила некаде околу 960 милиони, што е за 7-8 проценти повеќе споредено со минатата година, со тоа што повратот на ДДВ е поголем за 37 % споредено со тој месец лани.
(С.Бл.)