Нафтената криза што се случува во соседна Србија нема да се одрази врз набавката на нафта и нафтени деривати во Македонија, уверуваат од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
– Не очекуваме санкциите да предизвикаат негативен ефект во однос на снабдувањето со нафтени деривати во Македонија. Најголем процент од увозот минатата година беше од Грција (85,98 %), од Бугарија влегоа 10,49 %, од Албанија 2,27 %, од Србија 0,96 %, од Црна Гора 0,15 %, од Романија 0,09 % и само мал процент отпадна на увозот од други земји – велат од Регулаторна.
Преку продуктоводот Скопје – Солун, кој се очекува да профункционира, би можела да се снабдува јужна Србија со нафтени деривати и државата да заработи пари, премиерот Мицкоски рече дека се разгледува секоја можност
Нафтената криза што се случува во соседна Србија, предизвикана од санкциите што ги воведоа Соединетите Американски Држави кон руските нафтени компании „Лукоил“ и „Роснефт“, нема да се одрази врз набавката на нафта и нафтени деривати во Македонија, уверуваат од Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Нафтената индустрија на Србија (НИС) е под притисок поради меѓународните санкции воведени врз руската државна компанија „Газпром нефт“, која има мнозински удел во НИС. Од РКЕ велат дека домашните трговци со нафта и со деривати лани од Србија увезле само 0,96 % од потребните количини горива.
– Не очекуваме санкциите да предизвикаат негативен ефект во однос на снабдувањето со нафтени деривати во Македонија. Најголем процент од увозот минатата година беше од Грција (85,98 %), од Бугарија влегоа 10,49 %, од Албанија 2,27 %, од Србија 0,96 %, од Црна Гора 0,15 %, од Романија 0,09 % и само мал процент отпадна на увозот од други земји – велат од Регулаторна.
Оттаму нагласуваат дека санкциите влијаат врз берзанските цени, кои заедно со курсот на доларот се земаат предвид при формирањето на малопродажната цена на нафтените деривати. Санкциите беа воведени пред еден месец, на 23 октомври и оттогаш нема некое драстично покачување на цените на горивата. Движењето на цените на бензините изгледа вака: еуросупер 95 е поскап за еден денар и сега чини 74 денари за литар, а еуросупер 98 е поскапен за два денари и моментално на пумпите се точи за 77 денари за литар. Поголемо поскапување од шест денари има кај еуродизелот, кој сега чини 73 денари за литар.
Македонската Влада ја следи состојбата на нафтениот пазар во Србија. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека се прават напори до крајот на годинава да се стави во функција продуктоводот за нафтени деривати, кој се протега од рафинеријата ОКТА кај Миладиновци до Солун. На цевката се вршат испитувања за нејзината состојба затоа што долги години беше конзервирана, а откако ќе ги поминат пробите под притисок, ќе биде ставена во функција.
– На Влада помина ценовникот и по ставањето во функција на продуктоводот, компаниите се тие што, доколку покажат интерес да го користат, бидејќи, како Влада, не можеме да го водиме бизнисот на сметка на приватните компании или на акционерските друштва – истакна Мицкоски.
На прашањето дали преку продуктоводот би можела да се снабдува јужна Србија со нафтени деривати и државата да заработи пари, Мицкоски рече дека се разгледува секоја можност.
– Ние, како Влада, не сме акционерско друштво за да ја снабдуваме јужна Србија или другите земји во регионот – вели Мицкоски.
Обновувањето на продуктоводот е и една од обврските од Преспанскиот договор во кој се наведува дека двете земји треба да ги решат отворените прашања во енергетиката, особено оние што се поврзани со користењето на постојниот нафтовод (продуктовод). Грчка владина делегација во 2019 година, во Скопје, го отвори ова прашање и заеднички заклучок беше дека треба да се стави цевката во функција, без одложување.
Енергетски експерти сметаат дека ставањето во функција на продуктоводот ќе ја зајакне позицијата на ОКТА да им овозможи на домашните приватни трговци со нафтени деривати полесно да настапат на регионалните пазари, како што е косовскиот и во јужна Србија. ОКТА и така снабдува околу 75 % од домашниот пазар со горива.
Што се однесува до Србија, без американска лиценца за тамошната нафтена индустрија (НИС), државата би можела да се соочи со ограничувањр во снабдувањето со сурова нафта, што директно би влијаело на функционирањето на НИС и на пазарот на горива. Дополнителна компликација е одлуката на Хрватска, која на почетокот од октомври го суспендираше протокот на нафта преку нафтоводот Јанаф, наведувајќи дека ги почитува европските санкции против руските енергетски субјекти. Рака на помош ѝ стигна на Србија од Унгарија, од каде што најавија дека ќе ги зголемат испораките на нафтени деривати уште во декември.
(С. Бл.)












