Владата предложи да се укинат царините за стоките од САД. Со Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за Царинска тарифа што го усвои Владата, на маса е ставен предлогот за целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, што ќе значи дека стоките што доаѓаат во нашата земја од САД нема да се царинат.

Законските измени имаат особено значење за секторот енергетика, но и за автомобилската и метало-преработувачката индустрија, како и во металургијата, а тие значат пониски царински стапки за 67 производ, вклучително и за литиум-јонските батерии од 15 на 2,7 проценти. Намалените и укинатите царини сепак ќе имаат финансиски импликации во Буџетот кои на годишно ниво, според министерката Гордана Димитриеска Кочоска, би изнесувале 4,7 милиони евра

 

Владата предложи да се укинат царините за стоките од САД. Со Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за Царинска тарифа што го усвои Владата, на маса е ставен предлогот за целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД, што ќе значи дека стоките што доаѓаат во нашата земја од САД нема да се царинат.

– САД се стратешки партнери на нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект поради што Владата е подготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји што се заснова на заеднички цели, интереси и вредности и да воспостави трајна соработка врз основа на заемен интерес. Приоритет на оваа Влада е да креираме политики со кои ќе создадеме поволно и предвидливо бизнис окружување за сите компании, вклучително и за домашните и странските компании и на таков начин да изградиме силна економија. На ваков начин ќе придонесеме за зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека во меѓународната трговија со едностраното намалување на царинските стапки праќаме порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓусебната трговска размена – нагласи министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска.  

Таа истакна дека по овој потег се очекува и САД реципрочно да возвратат и да бидат укинати царините за македонските производи, но нема прецизни информации кога САД ќе возвратат на ист начин, иако таков потег се очекува.

– Работиме нешто во моментов, треба да се стрпиме, па ќе бидеме информирани од министерот за надворешни работи – наведе таа.

Законските измени имаат особено значење за секторот енергетика, но и за автомобилската и метало-преработувачката индустрија, како и во металургијата, а тие значат пониски царински стапки за 67 производ, вклучително и за литиум-јонските батерии од 15 на 2,7 проценти. Таа истакна дека во наредниот период се очекува голем увоз на овие таканаречени „сториџи“ за складирање на електрична енергија која се произведува од обновливи извори.

– Ова е од причина што батериите стануваат клучен елемент во балансирањето на енергијата и одржување на стабилноста на системот. Со измените се врши намалување на царинските стапки за 50 отсто на разликата помеѓу нашите постојни царински стапки и царинските стапки за тие стоки во ЕУ.  Како пример, таа наведе дека ако царинската стапка на одредена стока кај нас изнесува 20 отсто, а во ЕУ изнесува 10 отсто, со тековните измени стапката се намалува на 15 отсто, со тенденција за идно понатамошно доусогласување – објаснува министерката Димитриеска – Кочоска.

Таа нагласи дека со измените ќе се усогласиме со царинската стапка што се применува во ЕУ за литиум-јонските батерии за складирање електрична енергија во секторот енергетика.

– Од 1 јули царинската стапка за нив од 15 отсто се намалува на 2,7 отсто со што директно помагаме во енергетскиот сектор. Ова e од причина што батериите стануваат клучен елемент во балансирањето на енергијата, системските услуги како и во планирањето на предавањето во мрежа на енергијата од обновливи извори на енергија со цел одржување на стабилноста на системот, но и осигурување на физибилноста на обновливите проекти – рече Димитриеска–Кочоска.

Измените на Законот за Царинската тарифа се направени во консултации со Стопанските комори.

– Со оваа измена се реализира Програмата за работа на Владата 2024 – 2028 во делот каде Владата се обврзала за постепена хармонизација на царинските стапки со стапките кои се применуваат во Европската Унија адаптирано на извозно-увозните потреби на стопанството и на државата – истакна министерката за финансии.

Намалените царини ќе го олеснат буџетот за 4,7 милиони евра

Намалените и укинатите царини сепак ќе имаат финансиски импликации во Буџетот, кои на годишно ниво, според министерката Гордана Димитриеска –Кочоска, би изнесувале 4,7 милиони евра.

– За 67 производи фискалниот ефект е 2 милиони евра на годишна основа за овие 50 проценти. Кога ќе стапат во сила и следните 50 проценти, кога ќе се усогласиме целосно со ЕУ, врз основа на податоците за увозот од 2024 година, годишните фискални импликации би биле 4 милиони евра. На ова треба да се земат предвид и фискалните импликации од ослободување од царински давачки и на увозот од САД. „Тоа е некаде околу 3,7 милиони евра, на годишна основа. Тука нема промени, значи толку би изгубиле, што значи дека ние годинава би изгубиле еден милион евра од намалување на царините за 67 производи, со оглед дека ќе се применуваат од 1 јули (на годишно ниво е два милиони евра), плус овие 3,7 милиони евра, за годинава фискалните ефекти ќе бидат 4,7 милиони евра – рече Димитриеска – Кочоска.

Дали 5 отсто ќе оди за одбрана, зависи од кондицијата на буџетот

Дали Македонија ќе издвојува 5 проценти од БДП за одбрана по иницијативата на НАТО, зависи од кондицијата на буџетот, вели министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, која потенцира дека фискалната консолидација продолжува.

– Она што сме го напишале во фискалната стратегија е наша обврска, кон која целиме и која ја реализираме. Отстапување од тоа нема. Во однос на пет отсто од БДП за НАТО, ние во овој момент сме земја која е од оние земји кои најмногу издвојува, односно обврската е два отсто. Речиси сме во првите неколку земји кои издвојуваат блиску до два процентa – вели Димитриеска – Кочоска.

Таа објасни дека лани стапката на БДП беше проектирана на 2,1%, а потоа излезе повисока.

– Сега ќе имаме ревидирани и конечни, и по две години ќе знаеме колку точно сме издвоиле за НАТО. Во проекциите кога ги правиме, пресметката е прецизна – 2 процента. Ние сме земја членка на НАТО и нашата цел е да ги остваруваме обврските кои ни се зададени. Во колкав период, сега од овој аспект не можеме да зборуваме. Дали ќе биде веднаш, зависи како ќе биде со состојбата со буџетот, па потоа ќе можеме да коментираме дали ќе може тоа наеднаш да го направиме или ќе ни треба период на приспособување – појасни министерката за финансии.

Почна постапката за ребаланс на буџетот

Министерството за финансии ја почна постапката за ребаланс на буџетот. Се преговара со министерствата за деталите, а планирано е ребалансот да се донесе летово бидејќи наесен ќе има локални избори.

– Вo среда и во четврток имаме прилично збиена агенда за преговорите и деталите околу ребалансот на буџетот. Сигурно десетина дена ќе работиме на такви преговори со надлежните министерства, а потоа ќе видиме како ќе се одвиваат работите. Премногу е рано и не би можела сега да ви кажам детали околу тоа – вели Димитриеска – Кочоска.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ