Проектот е поддржан од Министерството за дигитална трансформација и финансиран од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата Еуро ХПЦ
Македонија ќе го добие првиот Национален центар за вештачка интелигенција „Везилка“ – „Национална ВИ-Фабрика и Антена“ (AI Antenna Factory), најави денеска министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Проектот е поддржан од Министерството за дигитална трансформација и финансиран од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“ и иницијативата Еуро ХПЦ.
– Ова е капитален проект со историско и национално значење. Отвораме ново поглавје во дигиталниот развој на Македонија, преку изградба на систем за вештачка интелигенција, во кој се вклучени Владата, академијата и индустријата – изјави Андоновски.
Главен носител на проектот е ФИНКИ (Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство) при УКИМ – Скопје, со силна институционална поддршка од Владата и Министерството.
Проектот „Везилка“ е избран за финансирање од „Хоризонт Европа“ и Еуро ХПЦ со вкупен буџет од речиси шест милиони евра, обезбедени од ЕУ, Владата, Министерството и ФИНКИ. Со тоа, Македонија станува дел од европската мрежа на центри за ВИ, што претставува голем чекор за научната и за технолошка заедница.
Андоновски потсети дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласила дека суперкомпјутерските капацитети и инфраструктурата за ВИ се клучни за технолошката автономија на Европа. Македонија и Србија се дел од новиот план за отворање на ВИ-фабрики и во земјите од Западен Балкан.
„Везилка“ ќе функционира како придружен центар на Европската фабрика за ВИ (ФАРОС), со седиште во Грција. Со ова партнерство, јавните институции, стартапи, истражувачи и компании ќе добијат пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.
– Стануваме активен дел од европската структура за ВИ – отвораме врати за меѓународна соработка, истражување и дигитална иновација – истакна Андоновски.
Покрај техничката инфраструктура, „Везилка“ има цел да изгради Национален екосистем за одговорна и доверлива примена на ВИ. Петте приоритетни области се: јазик и култура – развој на системски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство, потоа здравство, енергетика, јавна администрација и земјоделство.
Ќе биде основан и Центар за обука и тренинг, каде ќе се реализираат едукативни програми и практични проекти за развој на дигитални вештини, насочени кон идните генерации ученици, студенти и истражувачи.
Андоновски нагласи дека еден од првите приоритети е системски развој на македонски јазичен модел за вештачка интелигенција.
– Досега имаме изолирани иницијативи, но сега преминуваме кон системско собирање на податоци – литература, историографија, дигитализирање на содржини – сè со цел да изградиме функционален и квалитетен јазичен модел – рече Андоновски.
Димитар Трајанов, проектен раководител од ФИНКИ, додаде дека е планирана дигитализација на македонски текстови, креирање на квалитетни податоци и одржување на моделот на национални сервери, со што ќе се обезбеди приватност и суверенитет.
– Овие технологии ќе најдат примена во сите клучни области и се базирани на стратегијата „Смарт Македонија“ – решителен е Трајанов.
Министерот Андоновски ги повика сите истражувачи, универзитети и институти да се приклучат кон проектот и да придонесат во градењето на дигитално суверена Македонија.
– Создаваме систем, а не ад хок проекти. „Везилка“ е симбол на нашата визија – Македонија како активен партнер во европскиот технолошки простор, а не само набљудувач – заклучи Андоновски.