До средината на 2026 година, треба да бидат дефинирани локациите и инфраструктурата за изградба на кафилерија и на гробишта за миленици, по што ќе започне и нивната практична реализација. Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, вели за МИА дека е процесот во интензивна фаза и дека станува збор за инфраструктура што одамна недостига во земјава, а воедно претставува и услов во рамките на европските интеграции. Паралелно, се разгледува и модел според кој секоја општина би имала сопствено прифатилиште за бездомни кучиња, а каде што е можно – и гробишта за миленици
Македонија, конечно, се приближува до системско решавање на долгогодишниот проблем со пцовисаните животни и на починатите домашни миленици. До средината на 2026 година, треба да бидат дефинирани локациите и инфраструктурата за изградба на кафилерија и на гробишта за миленици, по што ќе започне и нивната практична реализација.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, вели за МИА дека е процесот во интензивна фаза и дека станува збор за инфраструктура што одамна недостига во земјава, а воедно претставува и услов во рамките на европските интеграции.
Според него, со години наназад сопствениците на починати миленици биле принудени да ги оставаат телата на депониите каде што завршува и комуналниот отпад, што е недозволиво од здравствен и од еколошки аспект.
Новите гробишта, како и кафилеријата, ќе се градат надвор од урбаните средини, на ненаселени локации.
Паралелно, се разгледува и модел според кој секоја општина би имала сопствено прифатилиште за бездомни кучиња, а каде што е можно – и гробишта за миленици. Ова ќе биде една од темите на состанокот што ќе го одржи АХВ со министерот за локална самоуправа и со ЗЕЛС.
Во однос на кафилеријата, Миланов потсетува дека постои идејата уште од 2019 година, но била блокирана реализацијата поради недостиг од соодветна локација и отпор од локалното население.
– Првично се разгледуваа Лозово и Росоман, но советниците не дозволија поради недоволна информираност. Се мислеше дека ќе има горење со миризба, како во фабрика, а, всушност, станува збор за целосно херметички затворен систем – објаснува Миланов.
Тој додава дека сега се оди кон јавно-приватно партнерство, а се анализира и европски модел со мобилна кафилерија, која овозможува преземање на трупот и негово уништување на точно утврдена локација.
– Очекувам, по празниците, да седнеме со министрите и со советниците на премиерот и да го заокружиме моделот. Јас би сакал да почнат работите уште ова лето, барем со поставување темели – вели Миланов.
Проблемот со бездомните кучиња, пак, останува еден од најгорливите. Според процените, во земјава талкаат повеќе од 8.000 кучиња без сопственик. Во таа насока, веќе е подготвен нов закон за здравствена заштита на животните, кој опфаќа и конкретни мерки за справување со ова прашање. Текстот е усогласен по повеќе состаноци со 11 невладини организации, меѓу кои и Здружението за заштита на животните „Анима мунди“ и ЈП „Лајка“. Законот предвидува казни за неодговорно сопствеништво, за шетање кучиња без поводник на јавни места, како и построги правила за големите и потенцијално опасни раси. Во процесот ќе бидат вклучени и ловечките друштва, а планирани се и јавни трибини со граѓаните и со инспекторите од подрачните единици.












