Македонија ќе биде лидер во инфраструктурата во регионот

19

Јавното претпријатие „Македонија пат“ има наследени милионски долгови и е потребно итно да се консолидира за да добиеме подобро одржување на патиштата, веднаш по изборите планираме целосна негова реконструкција, вели потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

– Претпријатието е во многу лоша состојба, има наследени долгови од минатото, некаде 27-28 милиони евра. Со таков товар, тоа претпријатие не може да ја врши својата работа, така што е приоритет едно целосно реконструирање на „Македонија пат“ и се надевам дека следното лето, кога ќе се видиме, ќе можеме да зборуваме за многу подобро одржување на патиштата – истакна Николоски.

Приоритет за одржување, нагласи вицепремиерот, се сите патни правци, вклучително и оние што водат до помалите населени места, а во однос на обновата, приоритет се Коридорот 10 и скопската обиколница.

– Оној дел што оди од Демир Капија, преку Неготино, Велес, Скопје, Куманово и границата со Србија, веќе е зрел за реконструкција, така што таму се работи на проект за реконструирање. На обиколницата на Скопје се направија некои интервенции, но е потребна целосна реконструкција и таму – истакна Николоски.

Нагласи дека на крајот од мандатот на оваа Влада, Македонија ќе биде лидер во инфраструктурата во регионот, потенцирајќи ги сите инфраструктурни објекти на кои се работи низ целата држава во моментот.

– Во Македонија се сечат два паневропски коридора. Двата паневропски коридора и 8 и 10 ќе бидат целосно покриени со автопат или со експресен пат и ќе бидеме во многу напредна фаза со градбата на брза пруга на Коридорот 10 и со реконструкцијата и градбата на Коридорот 8, што ниту една друга држава во регионот го нема. Да не зборувам за аеродромите, двата растат од квартал во квартал, така што кога ќе ја видите таа перспектива, мислам дека во 2028 година ќе бидеме апсолутен лидер во регионот – нагласи Николоски.

ИЗДВОЕНИ