Македонија прави решителен чекор кон создавање модерен, и инклузивен систем за управување со отпад, усогласен со стандардите на ЕУ. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) организираше настан во Скопје со национални и меѓународни партнери, со цел да се обликува агендата за новите вештини и работна сила во секторот за отпад.
Работилницата, одржана под работен наслов „Патеки до вештините и инклузијата во секторот за отпад“, ја постави основата за воведување конкретни мерки кои ќе овозможат локалните заедници да стекнат потребни вештини за управување со модерна инфраструктура и за отворање можности за зелени вработувања. Настанот е дел од програмата финансирана од Европската Унија, во рамки на Регионалниот проект за цврст отпад поддржан од ЕБОР, кој ги опфаќа регионите Пелагонија, Полог и Вардар.
Целта на програмата е да создаде обуки на работното место, можности за учење преку работа и инклузивни патеки за вработување за локалното население, особено за невработени млади, жени и ромската заедница. Исто така, програмата ја зајакнува соработката меѓу јавните институции, регионалните компании за управување со отпад, приватните оператори и давателите на стручно образование и обука.
Мухамед Хоџа, министер за животна средина и просторно планирање, ја потврди посветеноста на Владата во реформата на цврстиот отпад.
– Многу е важно што Регионалниот систем за управување со отпад веќе не е само идеја на хартија. Веќе градиме инфраструктура што е основа на системот. 2026 година е година на реална промена. Управувањето со отпад не е само еколошка тема – туку и економска можност, прашање на достоинствена работа и социјална правда – изјави Хоџа.
Штефен Худолин, раководител на секторот за соработка при Делегацијата на ЕУ, додаде дека зелениот договор веќе не е амбиција, туку интегриран концепт во сите реформи и проекти поддржани од ЕУ.
– Со преку 74 милиони евра грантови, ја олеснуваме воспоставата на регионален систем за управување со отпад и ја поддржуваме трансформацијата на секторот, со посебен акцент на образование и развој на вештини за младите, жените и ранливите групи – истакна Худолин.
Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР, нагласи дека тие обезбедиле до 55 милиони евра за финансирање на регионалниот проект за цврст отпад, кој ќе им служи на повеќе од еден милион граѓани. Според него, зајакнувањето на техничките и на менаџерските вештини е клучно за создавање модерен сектор за отпад усогласен со стандардите на ЕУ и за отворање нови зелени можности за работа.
По завршувањето на работилницата, ЕБОР и партнерите ќе финализираат план за инклузивни патеки за вработување и ќе ги идентификуваат образовнитепилот-програми, во соработка со Министерството за животна средина, општините, јавните и приватните оператори, како и институциите за стручно образование и обука.












