Европската ракометна федерација (ЕХФ) направи рангирање на десетте најдобри репрезентации што ќе настапат на Европското првенство во Данска, Шведска и во Норвешка, кое ќе почне на 15 јануари. Според ЕХФ, прв фаворит за титулата е селекцијата на Данска, која воедно е и еден од трите домаќини на шампионатот, а во топ 5 се и репрезентациите на Франција, Исланд, Шведска и на Германија.
Интересно е дека според нив, шести најдобар тим е Португалија, која исто како и Данска, ќе биде во група со Македонија. Како главен квалитет на Португалија се истакнува што голем дел од играчите се од ист клуб (Спортинг), има одлични голмани, постојано напредува, врвот го имаше лани, на Светското првенство, кога заврши на четвртото место.
И квотите во „Спорт лајф“ за победник во групата Б велат дека главен фаворит е Данска пред Португалија и дека Македонија и Романија се аутсајдери на хартија. Во втората фаза ќе одат двете најдобри селекции и ова покажува дека е исклучително тешка задача пред избраниците на Кирил Лазаров.
Според ЕХФ, Македонија ја чека пеколно тешка задача, две репрезентации од групата се наоѓаа во топ-10. Данска е прв фаворит за освојување на тронот, додека Португалија се најде на шестото место. Што се однесува до Македонија, има минимални шанси за освојување на шампионатот, исто како и за поминување на групата од која само првопласираните две репрезентации ќе се пласираат во главната фаза.
Кој ќе ги запре актуелниот светски и олимписки првак на патот кон нивниот трет трофеј на ЕП?, е прашањето на ЕХФ. Оваа репрезентација и во отсуство на врвни играчи, сепак, има доволен квалитет за да биде шампион, а олеснителна околност ѝ е што игра на домашен терен.
Што се однесува до Португалија, ЕХФ пишува: „Од нула до херој беше бајката на Португалија во последните години. Чекор по чекор, таа се искачи по скалилата за да стане најпријатното изненадување минатата година, на Светското првенство, прво оставајќи ги Норвешка и Шведска зад себе во главната рунда, а потоа победувајќи ја Германија во четврт-финалето и стигнувајќи до своето прво полуфинале. Со шутерската моќ на браќата Коста, со креативниот начин на водење на натпреварот со плејмејкерот Салвадор Салвадор и силниот голмански тандем, Португалија е во игра за својот најдобар резултат на ЕП откако заврши шеста во 2020 година, а на шампионатот пред две години заврши на седмото место. Огромна група играчи се добро извежбани, бидејќи играат за Спортинг Лисабон“.
Според листата на ЕХФ, во топ-10 репрезентации на годинашното Европско првенство ќе завршат селекциите на: Данска, Франција, Исланд, Шведска, Германија, Португалија, Хрватска, Унгарија, Шпанија и на Норвешка.












