Македонија има голем број млади таленти, но загрижувачки е што голем процент од нив не ја гледаат иднината во Македонија. Ова, според професорот Горјан Начевски од Институтот за информатика и системско инженерство при Факултетот за електротехника, информациска технологија и науки, е загрижувачки.

– Има многу млади таленти во државата, има и голем интерес за студирање на факултетите од техничките науки и сето тоа е во согласност со светските трендови. Но, за жал, практиката покажува дека си заминуваат младите од државата, во загрижувачки бројки, особено си заминуваат голем дел од најдобрите. Наше е да пробаме да ги задржиме – истакна Начевски на настанот во Скопје, во рамките на Глобалната недела на претприемништвото 2025, на тема „Роботика – иновации кои го менуваат светот“.

Според него, платите се само еден аспект зошто си одат младите таленти од државава.

– Младите таленти треба да си ја гледаат иднината тука. Треба да имаат поквалитетен живот овде, можност да истражуваат за развој и инвестиции – рече професорот.

Настанот во Скопје го организираше Агенцијата за иновации, научнотехнолошки развој и претприемништво ИНОВА, од каде што најавија дека денеска тој продолжува во Кавадарци. На настанот можеа да се видат многу млади иноватори со креативни демонстрации и беа понудени нови технолошки решенија.

– ИНОВА им дава поддршка на иновациите, на стартап компаниите и на сè што значи нови технологии и научни достигнувања во Македонија, со цел да поттикнеме развој на економијата, да поддржиме нови бизниси, нови вработувања, а главната цел е, пред сè, останување на младите во државава. Тоа го правиме и преку активните мерки на Министерството за економија и оперативниот план на Агенцијата за вработување. Младите луѓе се креативни луѓе и имаат навистина добри бизнис-идеи, кои секогаш ќе бидат поддржани од Владата и од ИНОВА. Ова е само почеток, ќе има вакви настани насекаде во државава. На тој начин, сакаме да бидеме транспарентни во однос на тоа што нуди државата за поддршка и препознавање на сите овие иновативни бизнис стартап компании и бизниси што ги имаат особено помладите – истакна заменик-министерот за економија, Марјан Ристески.

На настанот се обрати и амбасадорот на Казахстан во Македонија, Сатибалди Буршаков, кој истакна дека се започнати контакти со ИНОВА за да се унапреди бизнис и економската соработка меѓу Казахстан и Северна Македонија.

– Користењето на вештачката интелигенција е приоритет во мојата земја. Претседателот на Казахстан, Токеев, усвои закон за вештачка интелигенција, со што во септември треба да започнат реформи за напредок на дигитализацијата на бизнис-процесите, економијата и на надворешната трговија. Оваа година, Казахстан лансираше суперкомпјутер, кој е најголем во централна Азија – истакна, меѓу другото, Буршаков.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ