Македонија во 2022 година имала 8,5 јавни обвинители на 100 илјади жители, а во 2024 година, како што покажува последниот извештај на Советот на јавни обвинители, тој број бил зголемен на 9,2, со што полека се доближува околу просекот од 11,2 јавни обвинители на 100.000 жители во 44 земји што ги покрива последниот евалуациски извештај на Европската комисија за ефикасност на правдата ЦЕПЕЈ (CEPEJ) за правосудните системи од 2024, со податоци за 2022 година.
Македонија, по бројот на јавни обвинители на 100 илјади жители, влегува во друштво на земји како: Германија (7,7), Белгија (7,5), Финска (7,9), Малта (8,8), Словенија и Луксембург (9,8) и Северна Ирска (9,3).
Бројот на обвинители на 100.000 жители варира значително од една земја до друга, од минимум 3,2 во Франција и во Ирска, 3,8 во Италија до максимум 24 во Бугарија, Латвија и во Молдавија.
Како што се движиме кон исток на Европа, бројот на обвинители по жител има тенденција да се зголемува, со стапки генерално повисоки од 15 на 100.000 жители, иако има исклучоци и на североисток, како Финска и Шведска и на југоисток, како Албанија, Грција и Македонија.
Од земјите во регионот, според извештајот на ЦЕПЕЈ, Грција има 5,7, а Албанија 7,2 јавни обвинители на 100 илјади жители, по што следува Македонија, па Словенија со 9,8, Србија и Босна и Херцеговина со по 10,4 јавни обвинители. Хрватска и Црна Гора имаат по 16,2 и 16,6 јавни обвинители на 100.000 жители, додека Бугарија 23,9.
Разликата во бројот на јавни обвинители на 100.000 жители од земја до земја ЦЕПЕЈ го објаснува во извештајот со тоа што 15 земји членки и една држава набљудувач (Израел) имаат друг персонал со должности споредливи со оние на обвинителите, обезбедувајќи им поддршка на вторите.
Во извештајот на Советот на јавни обвинители, за работата на јавните обвинителства во 2024 година, според Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работните места во Јавното обвинителство, предвидени се 1.126, од кои биле пополнети 371 место. Со ова, во Македонија, на 100.000 жители имало 20,1 јавнообвинителски службеници, додека според извештајот на ЦЕПЕЈ, во 2022 година тој број изнесувал 20 и бил над просекот, кој изнесува 14,7.












