Македонија и Велика Британија потпишаа Меѓудржавен договор за воспоставување редовен авиосообраќај меѓу двете држави, со што се отвора можноста за воведување на директни авиолинии. Вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, кој го потпиша договорот со неговиот колега од Велика Британија, Киер Метер, во Лондон, очекува да се зголеми бројот на британски туристи во нашата земја.
– Овој Договор се потпиша на иницијатива на Велика Британија и претставува нова правна рамка со која се уредуваат односите во делот на редовниот воздушен сообраќај помеѓу двете земји. Македонија има огромен пораст во авиосообраќајот во последната година и претставува сериозна конкурентна земја во регионот, а тоа се должи, пред сè, на спроведување на политиките на Владата за развој на цивилниот воздушен сообраќај – рече Николоски додавајќи дека домашните аеродроми имаат огромен потенцијал да опслужат нови авиокомпании и патници.
Преку Договорот се овозможува поголема слобода и флексибилност на авиокомпаниите, ефикасно работење и нови услуги, додека за патниците се овозможуваат подобри конекции, нови дестинации и конкурентни цени. Со Договорот се уредува и интермодалниот превоз што е особено важен дел во карго транспорт, а исто така се постигнува и висок степен на заштита и безбедност на авиокомпаниите и патниците утврдени преку ИКАО-стандардите.
Британскиот авиопревозник „Бритиш ервејс“ првпат го поврза Лондон со Скопје во 1999 година, но кратко потоа ја прекина линијата. Обид за враќање на „Бритиш ервајс“ имаше и во 2009 година. Годинава се водеа преговори за влез на британската нискобуџетна авиокомпанија „Рајанер“ на македонскиот пазар, но, како што беше кажано во текот на август годинава, нашата Влада ја одбила понудата на британскиот нискобуџетен авиопревозник.
– Се сретнавме со нив два-три пати. Причината зошто не се на нашиот пазар се условите што ги поставија. Во практика, тие сакаат аеродромите во Скопје и во Охрид да бидат опслужувани исклучиво од „Рајанер“, што би значело дека државата би трошела огромни суми пари само за нив. Тие, исто така, бараат времето помеѓу слетувањето и полетувањето да трае максимум 35 минути. Ова би нè натерало да вработиме неколку стотици дополнителни работници на аеродромите само за да ги задоволиме нивните потреби – објави порталот „Екс ју авиејшн“, повикувајќи се на изјава на министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Според порталот, од „Рајанер“ побарале субвенциите за пристигната патник да бидат 20 евра од патник во Скопје, а 25 во Охрид, што, според Николоски, би значело банкрот за државата ако им даде такви услови на сите.
Од операторот на двата домашни аеродроми, „ТАВ Македонија“, најавија дека во наредниот период ќе се фокусираат на поголема поврзаност со Обединетото Кралство и со Шпанија.
– „ТАВ Македонија“ континуирано работи на промоција и развој на воздушниот сообраќај, со цел да се обезбеди континуиран пораст и подобрување на услугите за патниците. Во овој период, нашиот тим за развој на мрежата на рути преговара со авиокомпании за воспоставување директни воздушни врски со Данска, Финска и Блискиот Исток. Од постојните пазари во наредниот период, ќе се фокусираме на поголема поврзаност со Шпанија и Обединетото Кралство – изјави генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Неџат Курт.
(С. Бл.)