Македонија и Скопје на авиомапата на Барселона и Лион

28

На скопскиот аеродром вчера слетаа првите авиони на ново воведените линии Барселона – Скопје и Лион – Скопје. Тие се дел од владината политика за финансиска поддршка за воведување на нови авиолинии и нови дестинации за граѓаните, објави преку видео порака на својот фејсбук-профил, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

-Слетаа првите авиони од Барселона и Лион. Тоа значи многу за зголемување на туризмот и за подобрување на економијата во Македонија. Со новите летови кои што Владата ги обезбеди, придонесуваме да се зголеми бројот на патници на скопскиот и охридскиот аеродром. Со директните летови од Шпанија-Барселона и Франција-Лион, секако дека многу ќе придонесеме во оваа насока. Политиката на субвенции што ја води Владата и Министерството за транспорт ги дава првите резултати. За неколку месеци имаме десет нови дестинации од двата аеродроми. Ветувам уште многу нови дестинации, уште многу патници на скопскиот и охридскиот аеродром, многу повеќе туристи, повеќе можности за размена, многу повеќе луѓе кои ќе доаѓаат за бизнис во Македонија и уште многу повеќе луѓе кои што ќе патуваат. Нека е со среќа и за убаво, изјави Николоски.

Инаку во саботата со диџеј кој пушташе шпанска и француска музика како и со освежителни пијалаци – безалкохолна сангрија на Меѓународниот Аеродром Скопје беа испратени првите 161 патник кои полетаа за Барселона и првите 180 патника кои се упатија кон францускиот град Лион. На тој начин се означи почетокот на овие две авиолинии, на кои од 3 мај 2025, редовно ќе лета нискобуџетната авиокомпанија „Виз-ер“.

На првиот лет за Барселона, беше и добитничката на двата авиобилети од Виз ер, која беше избрана по случаен избор преку повикот за дарување кој ТАВ Македонија го објави на инстаграм-страницата и на фејсбук-страницата на Меѓународниот аеродром „Скопје“.

На релацијата Скопје – Барселона – Скопје, „Виз-ер“ ќе лета секој вторник и сабота, додека летовите до Лион ќе се одвиваат три пати неделно, секој вторник, четврток и сабота.

-Со ова се исполни повеќегодишното барање за враќање на директната авиоврска меѓу Скопје и Барселона, на големо задоволство на сите вљубеници во овој град на уметноста, историјата, архитектурата и спортот. Истовремено, благодарение на „Виз-ер“, за граѓаните се отвори сосема нова туристичка дестинација од Меѓународниот аеродром Скопје, францускиот град Лион, еден од најголемите гастрономски центри во светот, кој важи за срцето на француската кујна, наведува ТАВ Македонија.

 

 

 

ИЗДВОЕНИ