На термоцентралите што работат на јаглен нема во скоро време да им стават катанец на врата, ниту кај нас ниту во светот, иако меѓународните обврски за декарбонизација до 2030 година во нашава земја нема да се исполнат, се нотира во ревизорскиот извештај.

– Иако постојат документи и стратегии за зелена транзиција, тие засега остануваат само на хартија. Институциите не обезбедија јасни рокови, ниту ефикасна координација, а недостига и политичка волја за носење тешки, но неопходни одлуки – нагласуваат ревизорите и предупредуваат дека овие факти ја ставаат државата во ризик од енергетска нестабилност и од високи цени на струјата. Со ова темпо на зголемување на капацитетите од обновливи извори, Македонија ќе заостанува зад европските стандарди за намалување на емисиите на стакленички гасови и ќе се соочи со можни санкции и губење на средства од европските фондови ако не обезбеди значително зголемување на капацитетите од обновливи извори

Македонија останува зависна од јагленот при производството на електрична енергија и ризикува да ги пропушти европските рокови за климатска неутралност, односно исполнување на меѓународните обврски за декарбонизација. Во вкупниот инсталиран капацитет, термоцентралите имаат најголемо учество со околу 40 проценти, потоа следуваат хидроцентралите со некој процент под 30 отсто, а остатокот отпаѓа на фотонапонските електроцентрали, комбинираните постројки за производство на електрична и на топлинска енергија, на ветерниците и друго.

Ова покажува дека на термоцентралите што работат на јаглен нема во скоро време да им стават катанец на врата, ниту кај нас ниту во светот, затоа што многу држави и натаму ќе се „крстат“ во нив како главни производители на електрична енергија. Побарувачката за овој енергенс од ден на ден станува сè поголема поради порастот на населението во светот, како и поради технолошкиот и економскиот развој.

Македонија е зависна од струјата што ја произведува РЕК „Битола“, иако е голем загадувач на воздухот со ЦО2. Во последните три години, во Македонија се изградија многу фотоволтаици со околу 1.000 мегавати, вклучувајќи и некои ветерни електрани, биогасни електрани, мали хидроелектрани. И да, тоа е добро за портфолиото на земјата, од една страна, но фотоволтаичните електрани и ветерните електрани се извори на електрична енергија што не секогаш се предвидливи и затоа и натаму нашиот електроенергетски систем се потпира на производството на РЕК „Битола“, кој користи јаглен од рудниците „Суводол“ (веднаш до РЕК „Битола“) и „Брод-Гнеотино“, кои се прикрај, кон целосно исцрпување.

Македонија има обврска да ги изгасне РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“ до 2030 година, но е неспремна да го стори тоа, се нотира во извештајот на државните ревизори. Иако инвестициите на земјава за спроведување на зелената транзиција од година на година растат (од 45,9 милиони евра во 2017 година до 113,3 милиони во 2024 година), нема некој позначителен ефект бидејќи дел од проектите се одложуваат, а некои не се ни почнати, како, на пример, изградбата на 400-киловолтната интерконекција кон Албанија и кон Грција, иако најавена во 2015 година, сè уште не е завршена.

Весникот ВЕЧЕР многупати досега пишуваше дека нашата држава не може да си дозволи брзо да се откаже од користењето јаглен за производство на електрична енергија, ако се има предвид големата зависност од увоз на енергија, која се одрази неповолно на економските активности во текот на претходните кризи. По нарушувањето на пазарите по војната во Украина, енергенсите станаа понедостапни и поскапи, а многу земји во Европа ги ревидираа своите првични планови за брза транзиција кон зелена енергија.

– Иако постојат, документите и стратегиите за зелена транзиција засега остануваат само на хартија. Институциите не обезбедија јасни рокови, ниту ефикасна координација, а недостига и политичка волја за донесување тешки, но неопходни одлуки – нагласуваат ревизорите.

Овие факти ја ставаат државата во ризик од енергетска нестабилност и од високи цени на струјата.

– Граѓаните ќе се соочат со поскапување, а индустријата со ограничена конкурентност. Иднината на илјадници вработени во енергетскиот сектор, исто така, е неизвесна, бидејќи нема стратегија за нивна преквалификација или пренасочување кон нови работни места – се нотира во ревизорскиот извештај.

Оттаму предупредуваат дека Македонија, со ова темпо, ќе заостанува зад европските стандарди за намалување на емисиите на стакленички гасови и се можни санкции и губење средства од европските фондови ако не обезбеди значително зголемување на капацитетите од обновливи извори.

Реформата кон зелена транзиција е дополнително доведена во прашање и поради тоа што АД ЕСМ работи со загуба поради тоа што производната цена на струјата е повисока од продажната на универзалниот снабдувач. Ревизорите препорачуваат да се создадат услови за балансирање на променливото производство од обновливи извори на енергија, а тоа може да се стори со изградба на голема хидроелектрична централа.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ