Од македонска страна гасоводната цевка ќе ја поставува „Рапид Билд“ од Куманово, а од грчка страна компанијата „Терна“. Гасоводот кој ќе пристигнува од грчките терминали во Ревитуса и Александропули ќе има иницијален капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност за проширување до 3 милијарди. Македонија неподготвена се вклучи во проектот „Александропули“, и тоа скапо нè чини. Според договорот потпишан со грчкиот партнер, Македонија, поточно компанијата ЕСМ е обврзана, за долгорочен закуп на преносниот капацитет 15 години да плаќа по 300.000 евра месечно за закуп на капацитет за пренос на гас, сеедно дали се користи тој или не

За 22 месеци би требало Македонија и Грција да ги спојат цевките на идниот гасоводен интерконектор, кој е капитален проект за нашата земја кој ќе ѝ обезбеди природен гас и водород од грчките терминали во Ревитуса и Александропули. Изведувачот на работите на интерконекторот, долг 67 километри на македонска територија, е компанијата „Рапид билд“ од Куманово со која денеска „Номагас“ го потпиша договорот и кој треба да го предаде во функција некаде во 2027 година.

Министерката за енергетика, Сања Божиновска, истакна дека со потпишувањето на договорот и официјално се означува почетокот на најголемата енергетска инвестиција во нашата земја во последните десет години. Според неа, овој интерконектор е доказ дека кога постои политичка волја, регионална доверба и професионална посветеност – резултатите се реални и опипливи.

Проектот се проценува дека ќе чини над 5,1 милијарди денари, а ќе се реализира со поддршка од Европската Унија, Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), преку грантови, техничка помош и поволни заеми.

– Гасоводот ќе има иницијален капацитет од 1,5 милијарди кубни метри гас годишно, со можност за проширување до 3 милијарди. Ова е историски проект што не само што го поврзува нашиот енергетски систем со Грција, туку ни овозможува пристап до европските пазари на енергија – истакна извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Мухамет Елмази.

Компанијата „Рапид Билд на вториот тендер понуди најниска цена од 59,9 милиони евра, што беше за 12 милиони евра пониска од второрангираната понуда на фирма од Србија. Со договорот компанијата веднаш ја доби трасата за да почне со работа. Директорот на оваа компанија, Тони Каранфиловски, нагласи дека целосно се подготвени за реализација на проектот и со стручен кадар и со механизација.

Вкупната должина на целиот гасовод е 123 километри и тој треба да се протега од Неа Месимвриа кон Неготино преку Гевгелија и да ги поврзува двата национални системи за пренос на природен гас со цел да се диверзифицираат изворите на снабдување со природен гас во земјава. Од грчка страна интерконекторот го гради компанијата „Терна“.

Македонија неподготвена се вклучи во проектот „Александропули“, и тоа скапо нè чини. Според договорот потпишан со грчкиот партнер, Македонија, поточно компанијата ЕСМ е обврзана, за долгорочен закуп на преносниот капацитет 15 години да плаќа по 300.000 евра месечно за закуп на капацитет за пренос на гас, сеедно дали се користи тој или не.

– Поради „паметните“ одлуки, ЕСМ секој месец плаќа по 300.000 евра и ќе плаќа 15 години за закуп на капацитет за гас што не го користиме. Користел – не користел, плаќаш, тоа се 3,6 милиони евра годишно. Го дознавме тоа кога почнаа да ни честитаат дека сме станале дел проектот „Александропули“, уште на 1 октомври минатата година. А ЕСМ и државата во моментов немаат ништо од тоа. Прашање е што мислеле претходните. Не знаеме чија идеја била ова, не била од ЕСМ, туку од многу погоре. Тогаш велеа, работете, мора да се спроведе тоа без испитување на пазарот, онака, без никаков бизнис-план, иако им било укажано дека не се влегува неподготвен во таков сериозен проект. Се одело да се спроведе по секоја цена – беше истакнато на брифингот со новинарите во Министерството за енергетика.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ