Македонија и ЕУ со иста цел, но и на исто растојание

Долго време Македонија чека да влезе во Европската Унија, но секојпат се соочува со нови услови кои ја оддалечуваат од „отворената врата“ на Унијата. Изјавите и од македонска страна и од европските лидери, сигнализираат дека и Македонија и ЕУ имаат иста цел – полноправно членство на земјава во Унијата, но веќе две децении и растојанието останува исто, Македонија никако да се приближи кон европското семејство. Денеска, во Брисел се одржува Самитот ЕУ – Западен Балкан, на кој земјите членки повторно ги поставуваат своите критериуми. Премиерот Христијан Мицкоски во Брисел ќе го повтори ставот дека Владата нема да влезе во процес на уставни измени без исполнување на двата клучни услови – ЕУ гаранции и  реципроцитет од Бугарија. Во пресрет на Самитот, Советот на ЕУ нагласува дека реформите и уставните измени се клуч за напредок, но не даваат јасни гаранции за конечниот исход

256

Македонија долги години „чека пред прагот“ на Европската Унија, чии земји членки постојано поставуваат нови услови кои треба да се исполнат пред да се отвори вистинската врата кон членството. Вратата на ЕУ останува далечна дури и по спроведување на суштинските реформи, а патот пред неа полн со формалности и нови барања. Изјавите и од македонска страна и од европските лидери сигнализираат дека и Македонија и ЕУ имаат иста цел – полноправно членство на земјава во Унијата, но веќе две децении и растојанието останува иста, Македонија никако да се приближи кон европското семејство.

Токму во овој контекст на неизвесност и постојани условувања, денеска во Брисел се одржува Самитот ЕУ –Западен Балкан, на кој ќе се дискутира за иднината на регионот и евроинтеграциите. На самитот учествува и премиерот Христијан Мицкоски, кој вчера отпатува во работна посета на белгиската престолнина.

Беше најавено дека премиерот и членовите на владината делегација вечерва ќе присуствуваат на настанот „Здравица за добрите соседи: Еве колку се добри Западните Балканци…“, кој го организираат амбасадорите на земјите од регионот во Брисел, под покровителство на еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

Според најавата, станува збор за уникатен настан посветен на културното богатство, разновидноста и европската иднина на Западниот Балкан, со посебен фокус на традицијата на производство на вино, една од најсимболичните во регионот. Организаторите истакнуваат дека обединувањето на Европа се темели на споделените вредности и на културната историја на регионот, а настанот има за цел да поттикне дијалог, пријателство и меѓусебно разбирање.

Присутните имаа можност да дегустираат препознатливи вина од секоја земја, да се запознаат со производителите и да ја доживеат разновидноста на регионот во пријатна и неформална атмосфера.

Нема Бугари во Уставот, без гаранции и реципроцитет

Во пресрет на посетата на Брисел, премиерот Мицкоски, во телевизиско гостување порача дека Владата нема да влезе во процес на уставни измени без исполнување на двата клучни услови – ЕУ-гаранции и  реципроцитет од Бугарија, односно Софија да ги исполни своите обврски, кои произлегуваат од пресудите на Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

– Важно е две работи да се константи, непроменливи. Прво, мора да имаме јасни гаранции од Европскиот совет, во форма на заклучоци, дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик се неприкосновени и дека кога Македонија ќе стане дел од ЕУ, македонскиот јазик ќе биде официјален. Исто така, процесот мора да се води врз основа на Копенхашките критериуми, без нови билатерални прашања, нагласи Мицкоски гостување на телевизијата Сител.

Вториот услов, според него, е исполнување на обврските од источниот сосед. Премиерот беше јасен дека нема да прифати процес без извесност за успешен крај.

– Ако ние испорачуваме капитулации од претходни политичари, тогаш барем една работа треба да се исполни – регистрација на невладини организации, како ОМО Илинден Пирин, согласно со 14 пресуди на Европскиот суд за човекови права. Граѓаните се фрустрирани, многу сме дале за интеграцијата – име, знаме, банкноти, неколку промени на Уставот. Секогаш кога ќе се исполни условот, доаѓа нов. Не можам повеќе да се изложам на такво нешто, истакна Мицкоски.

Македонскиот премиер изјави дека постоеле иницијативи од влијателни земји членки на ЕУ за организирање билатерални разговори, но тие не дале резултат. Тој нагласи дека, доколку не може да се обезбеди ниту еден ваков состанок ниту присуство на официјални претставници од Софија, тогаш е нејасно врз основа на што се даваат уверувања дека ова ќе биде последното барање или услов во процесот.

– Имаше иницијативи од многу влијателни земји членки на Европската Унија, па и многу влијателни политичари во Брисел, да се договори состанок на кој, на билатерално ниво ќе се разговара помеѓу министрите, еве, да речеме, за надворешни работи. Тие иницијативи, замислете, беа неуспешни. Од другата страна немаше никаков одговор. Други, пак, велат: „Дали сте се обиделе вие да разговарате на билатерално ниво со официјална Софија. Во ред, луѓе, ајде да расчистиме. Дали е ова билатерален проблем или, како што велите, проблем помеѓу нас – Скопје, Софија и Брисел. Ајде да видиме дали е мултилатерален или билатерален. Ако е билатерален, тогаш ние сме во право. Станува збор за процес на билатерализација, а не Копенхашки критериуми. Ако е така, да знаеме, рече премиерот Мицкоски.

Советот на ЕУ бара уставни измени и реформи

Во меѓувреме, Советот на Европската Унија ја поздрави посветеноста на земјава кон евроинтеграциите, но потсетува дека сè уште не ги исполнила преземените обврски од јули 2022 година, односно не ги усвоила уставните измени. Во нацрт-заклучоците за проширувањето, подготвени во пресрет на денешниот самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел, Советот јасно наведува дека токму ова прашање останува клучно за натамошниот тек на преговорите.

Советот го поздравува фактот што евроинтеграцијата останува стратешка цел на земјава и ја повикува да ги интензивира напорите за унапредување на реформите поврзани со ЕУ. Министрите на земјите членки на Унијата ја потврдија подготвеноста без дополнителни политички одлуки или одложувања да свикаат втора меѓувладина конференција, веднаш штом Македонија ќе ги усвои уставните измени, во согласност со своите внатрешни процедури. По нивното усвојување, ЕУ е подготвена и за што побрзо отворање на првиот преговарачки кластер „Основи“, во согласност со Преговарачката рамка.

Советот, исто така, нагласува дека се потребни брзи и решителни акции за Македонија да ги исполни почетните критериуми за отворање на првиот кластер наречен „Основи“ (Fundamentals) и ја повикува земјава да ги интензивира напорите и да ги спроведе реформите, особено во областа на владеењето на правото, каде што не е постигнат напредок во текот на изминатата година.

– Северна Македонија треба да ги заштити судската независност и судскиот интегритет, вклучително и преку зајакнување на Судскиот совет во согласност со препораката на мисијата за рецензија од 2023 година и мислењето на Венецијанската комисија. Борбата против корупцијата и организираниот криминал треба да се зајакне. Северна Македонија треба да го подобри својот успех со ефикасни истраги, гонења, конечни пресуди и конфискација на криминален имот во случаи на корупција на високо ниво, се наведува во нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ.

Советот, меѓу другото, ја повикува Северна Македонија да донесе нов Кривичен законик во согласност со законодавството на ЕУ и на меѓународните стандарди. Се забележува дека е постигнат одреден напредок во областа на реформата на јавната администрација и се охрабрува Северна Македонија да ги интензивира своите напори во врска со модернизацијата на јавната администрација и обезбедувањето на потребниот административен капацитет.

Советот нагласува дека добрососедските односи и регионалната соработка остануваат клучни за процесот на проширување и потсетува дека е важно доследно и во добра волја да се спроведуваат билатералните договори, вклучувајќи ги Преспанскиот договор со Грција и Договорот со Бугарија. Истовремено, Советот ја потврдува геостратешката важност на проширувањето и ги повикува партнерите да го искористат моментумот и да го забрзаат напредокот кон ЕУ во сè понестабилен геополитички контекст.

Уставните измени се дел од компромисот од 2022 година за деблокада на преговорите со ЕУ. По првата меѓувладина конференција, Северна Македонија се обврза во Преамбулата на Уставот да ја вклучи бугарската заедница, додека прашањето за македонскиот јазик беше затворено со унилатерална изјава од Бугарија.

Нацрт-заклучоците на Советот на ЕУ се темелат на претходните извештаи на Унијата за напредокот на земјите кандидатки. Освен Северна Македонија, тие ги опфаќаат и останатите земји од Западен Балкан – Албанија, Црна Гора, Србија, Косово и Босна и Херцеговина, како и Украина, Молдавија и Грузија.

На Самитот на ЕУ, пак, кој ќе трае следните два дена, главни теми ќе бидат состојбите во Украина и на Блискиот Исток, европската одбрана и безбедност, следниот мултифункционален буџет, проширувањето и реформите во ЕУ, миграцијата, геоекономијата и конкурентноста. Посебно внимание ќе се посвети на процесот на проширување, при што министрите ќе ги разгледаат постигнатите резултати на кандидатите за членство и ќе ги усвојат заклучоците на Советот за проширување. Овие заклучоци имаат за цел да ги утврдат политичките приоритети, да ја оценат ситуацијата во секоја кандидатска земја и да обезбедат насоки за понатамошни реформи. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ