Македонија мора итно да испорача опипливи резултати во владеењето на правото, реформите во правосудството и во борбата против корупцијата, додека Европската Унија и нејзините земји членки треба целосно да ги исполнат своите обврски и поактивно да ѝ помогнат на земјата да го деблокира пристапниот процес. Ова е суштинската порака во најновиот нацрт-извештај на известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Томас Вајц, кој следната недела, на 26 февруари, ќе го презентира пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ).
Во документот се оценува дека напредокот во клучните реформи е недоволен и дека политичката поларизација, изборната динамика и ограничените административни капацитети го забавуваат процесот. Особено се потенцираат застојот околу уставните измени и потребата од поголема политичка волја за надминување на ќор-сокакот.
Истовремено, се нагласува дека проширувањето останува процес заснован на заслуги, но и дека ЕУ мора да покаже кредибилитет преку активен дипломатски ангажман и јасна поддршка. Само преку обновена посветеност од двете страни – конкретни реформи дома и доследна европска поддршка – Македонија и ЕУ можат да се најдат на половина пат и да го вратат интеграцискиот процес на стабилна и предвидлива траекторија.
– Северна Македонија моментално се наоѓа во тешка позиција, бидејќи процесот на пристапување е сопрен. И покрај некои позитивни реформи, напредокот на реформската агенда на ЕУ, особено во клучните области како што се владеењето на правото, реформите на правосудството и борбата против корупцијата, е недоволен. Ова се должи на изборната кампања, ограничените капацитети во јавната администрација и на недостигот на долгорочна политичка посветеност – вели Вајц.
Тој посочува дека не е постигнат напредок во однос на уставните измени, поради загриженост за потенцијални дополнителни билатерални блокади или барања од Бугарија. Смета дека е потребна поголема политичка волја од двете страни за да се надмине овој ќор-сокак.
Вајц нагласува дека во време на големи промени во меѓународниот поредок, особено поради војната на Русија против Украина, ненадејната неизвесност околу иднината на трансатлантската алијанса и пошироките закани за меѓународниот поредок базиран на правилата од суштинско значење е Европа да остане обединета.
– Во овој геополитички контекст, може да се појават можности за оживување и забрзување на процесот на пристапување. Сепак, тој процес ќе остане заснован на заслуги и цврсто врзан за напредокот во фундаменталните области, особено владеењето на правото. Затоа од суштинско значење е сите политички актери во Северна Македонија, особено Владата и пратениците од владејачкото мнозинство, да ја препознаат оваа нова итност и да почнат да даваат опипливи, убедливи и искрени резултати во овие клучни области, без понатамошно одлагање – нагласи Вајц.
Тој истакнува дека напредокот на реформите во областа на владеењето на правото не е важен само за приближување кон членство во ЕУ туку е клучен и за изградба на просперитетна и отпорна држава, која им служи на сите граѓани.
Од друга страна, Вајц потенцира и дека во исто време ЕУ и нејзините држави членки, исто така, мораат да ги исполнат своите обврски.
– Мораме целосно да ја поддржиме земјата, вклучително и преку активен дипломатски ангажман за да ѝ помогнеме да напредува во исполнувањето на сопствените обврски и да ги надмине постојните пречки. Што се однесува до оваа институција, како и во претходниот извештаен период, останувам посветен на поттикнувањето стабилно, конструктивно, проевропско, продемократско и пропроширувачко мнозинство во поддршката на пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Очекувам да ја обезбедам поддршката од сите пратеници што ја споделуваат оваа стратешка цел – смета Вајц.
Во нацрт-извештајот се изразува целосна поддршка за посветеноста на земјава кон членство во ЕУ и за посветеноста на македонските граѓани за интеграција во ЕУ, но се препорачува дека е потребно обновување на политичката посветеност, вклучително и уставните измени, конструктивната меѓупартиска соработка и ефективниот парламентарен надзор за напредокот на реформите.
Во однос на медиумите и на граѓанското општество, се наведува дека е потребно подобрувања во насока на поголема слобода и независност на медиумите, борба против дезинформациите и вклучување на граѓанското општество во реформите.
Генералната рамка во однос на основните права е, во голема мера, на задоволително ниво и се посочува дека е потребно подобрување во областа на родовата еднаквост, правата на немнозинските заедници, лицата со попреченост и ЛГТБ-заедницата.
Во делот за регионална соработка и надворешна политика се поздравуваат конструктивното учество на земјава во регионот и усогласеноста со надворешната политика на ЕУ и се повикува на доследна посветеност на дијалогот и соработката со соседните земји.
По презентирањето на нацрт-извешајот идниот четврток, документот во периодот март-април ќе биде разгледан од сите политички групи, по што, во мај, ќе следува гласање за него во АФЕТ, како и гласање на пленарна седница на ЕП пред летната пауза. Во тој процес може да претрпи амандмански измени, поради што неговата конечна верзија ќе биде позната по минувањето на сите фази во ЕП.
ЕП лани во јули со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои првиот извештај на австрискиот европратеник Вајц за Македонија за 2023 и 2024 година, но во него не беше содржана формулацијата „македонски идентитет и јазик“.












