Државите од Западен Балкан полесно ќе разменуваат царински податоци со земјите членки на Европската Унија. За таа цел, царинските органи од земјите од Западен Балкан и земјите членки на ЕУ потпишаа серија билатерални меморандуми за разбирање (МоУс), во рамките на иницијативата „Зелени ленти“ предводена од Секретаријатот на Транспортната заедница и од Секретаријатот на ЦЕФТА.

Потпишаните договори ги вклучуваат билатералните меморандуми меѓу Албанија и Грција, како и меѓу Македонија и Бугарија. Дополнително, беше потпишан меморандум за царинска соработка и меѓу Република Молдавија и Италија.

– Електронската размена на податоци со Бугарија носи нов импулс за унапредување на зелените ленти и претставува јасен доказ за довербата што ја има ЕУ во системот што го градиме. Со овој чекор овозможуваме побрз и поефикасен проток на стоки, зголемена конкурентност на компаниите и посилна регионална соработка. Нашата цел е да ги претвориме добрите европски концепти во целосно функционални решенија на терен, преку навремена и безбедна електронска размена на податоци уште пред да пристигне стоката на граница – истакна директорот на македонската Царинска управа, Бобан Николовски.

Потпишаните меморандуми овозможуваат натамошно спроведување и географско проширување на зелените ленти, придонесувајќи кон постепена интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ. Зелените ленти првично беа воведени во текот на кризата со ковид-19 за да се обезбеди непречено движење на основните добра, сега еволуираа во структуриран механизам за модерно, интероперабилно и гранично управување со податоци меѓу ЕУ и Западен Балкан.

Новопотпишаните меморандуми дополнително ја зацврстуваат оваа рамка, претворајќи ги политичките договори во оперативни решенија што носат непосредни придобивки за бизнисите, транспортните оператори и за граѓаните. Исто така, овозможуваат географско проширување на зелените ленти, придонесувајќи кон постепена интеграција на Западен Балкан во единствениот пазар на ЕУ. Тие обезбедуваат правна и техничка рамка за напредна, еднонасочна електронска размена на царински информации за пратки наменети за ЕУ, што им овозможува на царинските и на другите гранични органи да спроведат анализа на ризик и постапки за царинење уште пред пристигнувањето на стоката на граничните премини.

Овој пристап придонесува за намалено време на чекање, поголема предвидливост за економските оператори, поефикасно управување со границите и за зајакната соработка и доверба меѓу институциите на ЕУ и партнерските администрации.

ЕУ неодамна одобри 54 милиони евра за модернизација на 11 приоритетни гранични премини на Западен Балкан. Заедно, овие мерки го поддржуваат спроведувањето на стандардите на ЕУ во царинското и во граничното управување и ги унапредуваат пошироките цели за поврзаност, олеснување на трговијата и за зацврстување на отпорноста на регионот.

Директорката на Секретаријатот на ЦЕФТА, Пранвера Кастрати, ја подвлече важноста на иницијативата за деловната заедница.

– Зелените ленти го обезбедуваат она што му е најпотребно на бизнисот: брзина, сигурност и непречена трговија меѓу ЦЕФТА и ЕУ, потпомогната од дигиталните решенија и од продлабочената интеграција со Европската Унија – изјави таа.

Директорот на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, истакна дека зелените ленти станаа симбол за тоа што може да се постигне кога се усогласени практичните потреби со политичкиот приоритет, поддржани со експертиза и со вистинска регионална соработка.

– Од деновите на пандемијата на ковид-19, кога беа буквално ленти на животот, денес зелените коридори претставуваат темелна модернизација на граничните процедури и на инфраструктурата – нагласи тој.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ