Договореното меѓу министрите за транспорт и врски на Македонија и Бугарија за заедничка изградба на прекуграничниот заеднички тунел, утре ќе се официјализира со ставање потпис на Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8.

Македонскиот министер Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов потпишувањето ќе го направат на железничката станица Ѓуешево, а предвидено е да присуствуваат претставници на Европската комисија, на НАТО, на САД и на Европската инвестициска банка, Европската банка за обнова и развој, како и претставници на Светска банка.

– Изградбата на железничкиот тунел ќе претставува меѓугранична точка на двете држави на Коридор 8. Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри, од кои 1,2 километри се на територијата на Македонија. Изградбата на железничкиот Кориодр 8, покрај економското значење за Македонија и регионот, има и безбедносно значење во рамки на НАТО Алијансата. Во таа насока, на источниот Коридор 8 веќе е изградена и пуштена за сообраќај пругата од Куманово до Бељаковце. Делницата од Бељаковце до Крива Паланка е во фаза на изградба, а интензивно се работи и на подготовка за третата делница од Крива Паланка до границата со Република Бугарија која во продолжение ќе го опфати и тунелското решение – се вели во соопштението од Министерството за транспорт и врски.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ