Откако се смирија тензиите и е постигнат консензус да се гради заедничкиот прекуграничен тунел, од бугарска страна почнуваат со конкретни активности на железничкиот Коридор 8. Во врска со изградбата на тунелот, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, вели дека во моментов Македонија и Бугарија преговараат за финалната верзија на текстот на договорот, на кој потпис треба да стават двете страни, и кој ќе биде финансиран од ЕУ-средства како грант
Откако се смирија тензиите и е постигнат консензус да се гради заедничкиот прекуграничен тунел, од бугарска страна почнуваат со конкретни активности на железничкиот Коридор 8.
Бугарската Национална компанија за железничка инфраструктура веќе објави тендер за проектирање и изградба на нова железничка траса од Ѓуешево до границата со Македонија, во должина од 2,4 километри, единствената делница што недостига од железничкиот Коридор 8 на бугарска територија, како и за модернизација на 17 километри од пругата од Перник до Радомир.
Тендерот за делницата од Ѓуешево до границата опфаќа и реконструкција на железничката станица Ѓуешево, а последните 420 метри од таа траса се издвоени како посебна ставка во тендерот, бидејќи нивната изградба ќе започне по завршувањето на прекуграничниот тунел начелно договорен со македонската страна. Оваа активност треба да заврши до крајот на 2028 година за целата делница, со исклучок на 420. метри до тунелот што ќе се градат дополнително.
Во врска со изградбата на тунелот, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, вели дека во моментов Македонија и Бугарија преговараат за финалната верзија на текстот на договорот, на кој потпис треба да стават двете страни, и кој ќе биде финансиран од ЕУ-средства како грант.
– Ние рековме дека нема да дозволиме да потрошиме преку половина милијарда евра на граѓаните во слеп тунел. И затоа влеговме со сериозни разговори со Бугарија за да побараме и таа да инвестира. Имавме три барања и пред еден месец, Бугарија ги прифати трите барања. Прво беше да го изгради својот дел што недостига. Второ, од Софија до Ѓуешево, каде што има пруга на хартија, да вложи пари и да ја реконструира. Трето беше целосно да се изгради тунелот и да има заеднички тунел. Во моментов преговараме за финалната верзија на текстот што треба да го потпишеме двете страни, ќе биде финансиран од ЕУ-средства како грант. Второ, Бугарија распиша тендер за тие километри кои недостигаа на нејзина страна и за кои години претходно не ни размислуваше, а камоли да ги направи. И трето, парите што ги имаше за пругата Софија – Бургас, ги врати за Софија – Перник – истакна Николоски.
Од македонска страна се гради третата делница од пругата кон Бугарија, од Крива Паланка до границата, во должина од 23,4 километри, со процена дека ќе чини 550 милиони евра. На почетокот од годинава беше пуштена првата делница Куманово – Бељаковце, инвестиција од 90 милиони евра. Се работи и на втората делница од Бељаковце до Крива Паланка. Поради проблем со столбовите на патот кон Кратово, се бара ново техничко решение. Проценетата вредност од 150 милиони евра за оваа делница, според министерот Николоски сега се очекува да изнесува од 190 до 195 милиони евра.
За комплетирање на железничкиот дел од Коридорот 8, на македонска територија останува да се изгради пруга од Кичево до границата со Албанија. Николоски потенцира дека во следна фаза ќе се водат разговори и со албанската Влада.
– Не може ние да работиме на западното крило на Коридорот 8 без Албанија да работи на своја стана и да стигне до границата – истакна вицепремиерот Николоски.
Меѓутоа, целото внимание на Николоски е насочено кон проектот за брза пруга на Коридорот 10.
– Коридорот 10 – тоа е една визија, еден сон, што економски целосно ќе ја смени реалноста во Македонија. Влеговме амбициозно во овој проект и потпишавме договор со економската и политичка сила број два во светот. Резултат на тој договор – имаме понуди од 16 врвни банки. Претходната Влада можела само да сонува да ги види да дојдат во Македонија, а камоли да даваат понуди за финансирање големи проекти. Да им кажевте на банките каде е Македонија, не ќе можеа да ја најдат на мапа, а сега даваат понуди, така што тоа е крупна разлика – потенцира вицепремиерот Николоски.
(С. Бл.)