Македонија, Грција, Србија, Унгарија и Австрија ќе потпишат Договор за брза пруга на Коридор 10 со цел да се воспостави брз транспорт, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски по средбите во Брисел со претставници од ЕУ и министрите за транспорт од регионот на Министерскиот совет. Тој најави дека на иницијатива на Австрија ќе се потпише и Договор за доизградба на Коридор 8.

– Она што очекував дека ќе се случи се случува, а тоа е дека ќе потпишеме заедничка декларација Грција, Македонија, Србија, Унгарија и Австрија за изградба на железнички коридор 10, нешто што беше подготвено од минатата година, но за жал заради несреќата во Нови Сад тоа беше одложено. Тоа е многу значајно за нас бидејќи нема поента да потрошиме над 2 милијарди евра, а другите држави да не градат. Ќе се обврзе Грција да го заврши делот од над Солун до Гевгелија. До јануари ќе ја завршат сигнализацијата до Гевгелија, ќе има најмодерна сигнализација и после тоа ќе почнат да работат на двоколосечна пруга, што значи дека едноколосечната пруга веќе до јануари ќе биде со брзина до 120 километри на час за карго што значи дека возовите многу побрзо ќе одат до солунското и атинското пристаништа. Понатаму ќе треба да ја работат и втората линија која треба да биде патничка и ќе се поклопи со горе/долу 2030 година период кога и ние ќе ги завршиме двете линии, додека првата карго линија ќе биде готова 2028 година. Србија на своја територија треба да го изгради делот што недостасува од границата со Македонија до Ниш, пругата Белград – Будимпешта е готова и ја ставаат во функција, а Будимпешта -Виена постои како брза пруга, што е една одлична вест за Коридор 10 – истакна Николоски.

Исто така на иницијатива на Австрија ќе биде потпишан и Договор за Коридор 8, за да Албанија се обврзе да гради.

– Затоа што нема поента ние да трошиме средства, Бугарија да троши, а Албанија да не го прави истото, бидејќи треба да се поврземе од Драч до Црното море –  истакна Николоски.

Тој истакна дека Македонија има среќа што минуваат два паневропски коридори (8 и 10) низ неа и дека се работи на тоа заедно со партнерите.

– Потпишавме заеднички договор во ноември, за Коридорот 8, и тоа е големо достигнување за двете земји, нешто што целосно ќе ја промени реалноста во регионот и сега работиме за да го спроведеме. Од наша страна, железницата е поделена на три делници, едната е во функција од јануари годинава, втората се надевам ќе ја завршиме следнава година, а за третата работиме со нашите партнери од ЕИБ за да го објавиме тендерот не подоцна од јануари и очекувам напредок таму. Така ќе дојдеме до спојување со Бугарија преку тунел – истакна Николоски.

ИЗДВОЕНИ