Пожари беснеат низ неколку региони во државата, најкритични се Прилеп, Василево, Берово, Штип, Македонски Брод и Желино. Надлежните служби се постојано на терен и со сите расположливи средства се борат со огнената стихија, но непристапниот терен и ветерот ја отежнуваат контролата. Вчера беше критично по животите на лицата кои учествува во гаснењето на пожар. Професионалниот војник Симе Николов од Подареш во еден момент беше опколен од пламените јазици заедно со уште осуммина колеги, но за среќа, тие беа спасени со хеликоптери. Како најчеста причина за пожарите се наведуваат човечки фактори: непочитување на забраната за палење оган, несовесно фрлање догорчиња и ненамерно или намерно палење. Борбата со пожарите е особено тешка поради екстремно високата температура, но со најавеното заладување и влажен бран, големи надежи се влеваат дека дождот ќе помогне во гаснењето на огнената стихија. Дождовите и ладниот бран кои доаѓаат од Хрватска и Србија засега ги гасне пожарите кај нив, но таму се случува друга крајност, со силни ветришта, бури и град голем колку јајца. Големо невреме беснее во Србија и полека се спушта кон Македонија, иако не е исклучено и да го промени правецот  

Пожари беснеат низ неколку региони во државата, најкритични се Прилеп, Василево, Берово, Штип, Македонски Брод и Желино. Надлежните служби се постојано на терен, кои со сите расположливи средства се борат со огнената стихија, но непристапниот терен и ветерот ја отежнуваат контролата.

Два хеликоптера на МВР дејствуваат на потегот на линијата на пожарот над селата Злеово, Покрајчево, Јаргулица и Подареш, а таму заедно со пожарникарите од ТППЕ Радовиш, вработените во ЈП „Национални Шуми“, војници од АРМ и доброволци дејствуваат и 8 „пинцгауери“. Оваа линија дополнително ја покриваат и 6 специјализирани возила БТР и 6 хермелини.

денеска беше критично по животите на лицата кои учествува во гаснењето на овој пожар. Професионалниот војник Симе Николов од Подареш во еден момент беше опколен од пламените јазици заедно со уште осуммина колеги, а во обрачот се најдоа и еден „пинцгауер“, теренецот „лада нива“ и еден булдожер.

Заменик-директорот на ЈП „Национални Шуми“, Кире Михаилов, објави дека следувала спасувачка акција.

– Следуваше една добро координирана акција на хеликоптерите. Едниот хеликоптер со прецизни фрлања вода направи пат, а другиот хеликоптер се симна и го евакуираше Симе кој со повреда беше опколен од огнени јазици. Капа им симнувам на екипажите на двата хеликоптера кои направија неверојатен подвиг и покрај Симе, од огнот ги извлекоа и другите војници – рече Михаилов.

Повредениот војник со возило на Брзата помош веднаш бил префрлен во  болницата во Штип. Михаилов рече дека „пинцгауерите“ успешно учествувале во гаснење на пожарот во Струмичко.

– Ова што го видов овде на терен во овие неколку дена, што го прават новите специјализирани возила за гаснење пожари, ме радува, и можам да кажам во ситуација кога гледаме дека дури и Бугарија и Грција не можат сами да се справат и бараат помош од ЕУ-механизмот, а Турција видовме што ја снајде, дека со вложувањата на оваа влада во овој сектор за кратко време нема да има предизвик што не би го решиле. Останува уште да проработи свеста кај луѓето да не палат, и судиите оние што ќе ги фатат да палат, да им изречат огромни затворски казни – нагласува Михаилов.

Денеска се  активни шест пожари

Штипските пожарникари дежураат на планината Серта за да не дозволат ново ширење на пожарот, кој првично избувна пред неколку дена. Притоа помош имаат од мештаните од тамошните села Драгоево и Селце. Командирот на Противпожарната единица во Штип, Благој Ренџов, вели дека се интервенира со четири возила и 15 пожарникари.

– За да можат жителите од овие две села мирно да спијат, формиравме наша дежурна екипа, па со дел од мештаните деноноќно го контролираме пожарот, кој наместа и натаму тлее – истакна Ренџов.

Во подножјето на планината Плачковица, кај селата Калаузлија и Јонузлија, гореше шума на непристапен терен.

– Побаравме помош од воздух, но додека да интервенираат хеликоптерите, ние со дваесетина пожарникари се спуштивме кон падината, каде гореше густа шума и почнавме да гасиме. Кога дојдоа хеликоптерите, беше многу полесно и за неколку часа успеавме и овој пожар да го ставиме под контрола и овој терен постојано го дежураме – вели Ренџов.

Во општина Желино, огнот беснее меѓу селата Церово и Групчин, каде гори деградирана и нискостеблеста шума, а пожарот се движи по тешко пристапни падини.

Во пресекот на денот до вчера 12 часот во Македонија се регистрирани се 12 пожари на отворен простор, од кои 6 активни, 3 се ставени под контрола, а 3 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Еден од најсериозните пожари е оној што се проширува во атарот меѓу Василево, Радовиш и Берово, каде се гори планински предел – Голем Готен и делови од Малешевските Планини. Станува збор за пожар кој уништува нискостеблеста шума, смрека и густа вегетација, а пристапот до некои точки е речиси невозможен за теренските екипи.

Во Прилепскиот Регион, два пожари се сè уште активни. Едниот се проширува во село Бешиште, каде огнот се движи кон село Градешница и кон граничниот појас со Грција, горејќи мешана шума. Вториот пожар е активен во кракот кон село Дрен, додека делот помеѓу Царевиќ и Смолани засега е под контрола. Овие пожари постојано се реактивираат поради ветерот и високата температура.

Во општина Македонски Брод, повторно се шири пламен меѓу селата Црешево, Локвица и Крапа. Станува збор за пожар кој зафаќа деградирана дабова шума и грмушки, а теренот е крајно непристапен.

Штипскиот Регион се бори со нов пожар помеѓу селата Драгоево и Селце, каде гори нискостеблеста шума, прнар и сува трева, што ја зголемува опасноста од неконтролирано ширење.

Пожар со големи размери беснее во атарот на село Нерав, Крива Паланка, зафаќајќи преку 50 хектари борова шума и проширувајќи се кон територијата на општина Ранковце (село Герман), како и кон општина Трговиште во Република Србија.

Како најчеста причина за пожарите се наведуваат човечки фактори: непочитување на забраната за палење оган, несовесно фрлање догорчиња и намерно или ненамерно палење отпад. Мерките вклучуваат апел до граѓаните за максимална претпазливост и почитување на забраните за отворен оган во природа.

Надлежните служби напоменуваат дека борбата со пожарите е особено тешка поради екстремно високата температура – на повеќе места над 38 до 40 Целзиусови степени – и се надеваат на најавените врнежи во текот на наредните денови, што би можело да придонесе за стабилизирање на состојбата.

Од ЦУК апелираат на внимателност, особено кај граѓаните кои се движат или престојуваат во природа. И додека борбата со пожарите трае, политичките партии се обвинуваат за неспособност во справувањето со оваа непогода. СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека во пожари изгоре 20% од вкупната површина на шуми и пасишта.

– Тоа не е патриотизам тоа е предавство на сопствената држава – обвини СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ пак, ја обвинија СДСМ дека ги остави противпожарните единици без соодветна опрема за справување со пожарите.

– За седум години власт, СДС наместо да набавува опрема и возила за службите, единствено набавуваше комотни возила за своите функционери – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Не само во Македонија, климатските промени го нагазија Балканот. Турскиот град Бурса се евакуира, повеќе од 1.700 луѓе ги напуштиле своите домови, а еден пожарникар починал на должност. Грција, Бугарија и Албанија исто така горат, додека невреме вчера ја погоди Србија.

Екстремната жештина си оди, од утре разладување со дожд и грмежи

Дождовите и ладниот бран кои доаѓаат од Хрватска и Србија засега ги гасне пожарите кај нив, но таму се случува друга крајност, со силни ветришта, бури и град голем колку јајца. Големо невреме беснее во Србија и полека се спушта кон Македонија, иако не е исклучено и да го промени правецот. Иако нестабилно, времето ќе биде далеку попријатно и поиздржливо од изминатите денови.

Според најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, од утре ќе имаме значителна промена на времето. Ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време, со повремени локални врнежи од дожд, поројни и проследени со грмежи, особено изразени во текот на утрешниот ден. Температурата ќе биде во опаѓање, и според прогнозите ќе се спушти за 8 до 10 степени во споредба со минатонеделните.

И метеопрогнозерот Славчо Попоски најави дека со продорот на значително посвежа воздушна маса од север, земјава ја очекува поумерена температура. Утре, максималната дневна температура ќе се движи од 25 до 33 степени, додека во Скопскиот Регион ќе достигне околу 33 степени, што е за околу 10 степени помалку од саботните екстреми.

Наутро ќе биде значително посвежо, со минимална температура меѓу 11 и 19 степени, а на повисоките и планинските предели температурата може да падне и под 10 степени.

Сепак, атмосферата нема да биде целосно стабилна – локално и повремено ќе се развиваат нестабилни облачни маси со појава на краткотрајни поројни дождови, грмежи и засилен ветер. Не се исклучува ниту појава на краткотрајно невреме со силен ветер и град.

(С.Бл.)

ИЗДВОЕНИ