Еден од најголемите тенори на денешницата, Пласидо Доминго, вчера пристигна во Скопје, а неговото слетување го означи почетокот на едно од највозбудливите музички случувања во Македонија. Без ни минута одмор, славниот маестро од аеродромот директно се упати кон Националната опера и балет, каде што заедно со оркестарот на НОБ ја одржаа првата проба, соопштија од Прагма продукција.

-Со голем ентузијазам и воодушевување успешно заврши првата проба. Во исклучително инспиративна атмосфера, маестро Доминго ја покажа својата врвна уметност и посветеност, а оркестарот, инспириран од неговото присуство, одговори со извонредна прецизност и емоција, создавајќи атмосфера што го најавува она што ќе биде еден од дефинитивно најспектакуларните концерти во историјата на македонската музичка сцена, истакнуваат оттаму додавајќи дека енергијата на неговото присуство веќе се чувствува меѓу музичарите и љубителите на операта.

Како што посочуваат од продукцијата, настапот на Доминго не е обичен концерт – туку историски момент за македонската културна сцена. „Македонија го пречекува Доминго со восхит, а легендата започнува да ја испишува својата најнова музичка приказна“.

Да потсетиме, гласот што одекнувал низ најпрестижните театри во светот, утревечер, на 14 март, од 21 часот ќе ја исполни сцената во арената „Борис Трајковски“.

Фото: Стефан Самандов

ИЗДВОЕНИ