Македонија го добива првиот Национален центар за вештачка интелигенција – „Везилка“

74
Фото:фб

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска официјално го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција, капитален проект со историско значење за дигиталната трансформација на Република Македонија.

Проектот, со вкупна вредност од околу 6 милиони евра, се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, а е ко-финансиран од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ – носител на проектот.

„Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција, со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница,“ истакна министерот Андоновски.

Центарот ќе биде придружна единица на европската AI фабрика „Pharos“ со седиште во Грција, што на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи ќе им овозможи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.

Проектот има и јасна општествена мисија – да создаде национален екосистем за одговорна и доверлива примена на ВИ во следните пет приоритетни области:

Прво и најзначајно: Јазик и култура – целта на овој проект пред се е системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство;

Понатаму примена на ВИ во Здравство – анализа на здравствени податоци и подобрување на медицинските услуги;

Енергетика – оптимизација на производството и потрошувачката на енергија;

Јавна администрација – автоматизација на процеси и зголемена транспарентност;

Земјоделие – примена на паметни технологии за современо и одржливо производство.

Суштината на „Везилка“ е едноставна: да создадеме интелигентни решенија кои му служат на човекот – да направиме технологијата достапна, корисна и етична.

Дополнително, „Везилка“ ќе функционира и како центар за обука и развој на човечки капитал, каде ќе се организираат тренинзи, практични проекти и едукативни програми во областа на вештачката интелигенција.

„Создаваме систем, а не ад хок проекти. ‘Везилка’ ја симболизира нашата визија – Македонија како дигитално суверена држава со силна научна и иновациска основа. Ова е чекор со кој нашата земја станува активен партнер во европскиот технолошки простор, а не само набљудувач.“, додаде министерот Андоновски.

На крајот, тој упати јавна покана до сите академски и научни институции, како и до приватниот сектор, да се вклучат во овој национален проект со европска димензија, со цел градење на една паметна, дигитална и иновативна Македонија.

ИЗДВОЕНИ