МАКЕДОНИЈА ГО ЧЕСТВУВА И ЧУВА СПОМЕНИ НА 11 ОКТОМВРИ: Пушката на партизанот Максо уште сведочи за пукањето на прилепскиот участок

Во Музејот на Македонија во Скопје се чува една од посебните реликвии врзани со почеток на на народното востание во 1941 година – оружје на првоборецот Драган Спиркоски – Максо со кое било пукано при нападот на групата храбри 16 прилепски момчиња. Дедо ми Максо со свои пари кога имал само 17 години си ја купи таа пушка лично за себе во околните прилепски села неколку месеци пред востанието и ја криел во еден бунар во комшилакот, раскажува за ВЕЧЕР неговиот внук Драган Спирковски.

1014

Време е, дојде моментот да се крене востанието, вечерва тргнуваме… Вакви биле зборовите на шеснаесетмина прилепски храбри млади момчиња кои ноќта на 11 октомври 1941 година први тргнаа во борба за слобода на македонскиот народ и негова слободна држава. Таа студена октомвриска вечер, пред 84 години, околу 22 часот, тргнаа во нападот на бугарскиот участак, односно, полициска станица во Прилеп, која беше симбол на бугарската окупација на Македонија. Млади востаници беа поделени во три групи од кои едната прва требаше да го нападне участакот, втората затворот, а третата да ги прекине електричните и телефонските кабли во градот. Така и беше направено. По собирот кај прилепските Црвени стени првата ударна група тргнала кон участакот.

-Јас и Драган Спиркоски-Максо носевме пушки, Душко Наумовски имаше пиштол, а двајца – Благоја Спиркоски и Аспарух Јосифоски, брат на Кузман Јосифоски-Питу, носеа бомби. Додека одевме кон Участакот, најтешко ни беше нам со пушките. Участакот беше во градот, мораше да се помине низ главните улици, а нив не можевме да ги скриеме. Потоа, Душко пристигна до стражарот и со пиштолот директно пукаше во него. Истовремено, во стражарот стрелавме и ние, пукавме со пушките кон вратата и прозорците, фрливме и бомби – напиша во своите сеќавања Милан Димоски – Коке, еден од петмина напаѓачи.

Другата група веднаш потоа го нападнала и затворот околу кој имаше големи пукотници, третата успеа да ги прекине електричните и телефонските врски… Со сето тоа Востанието започна, а тој напад и се она што следеше во подоцнежните години влезе во македонската историја.

Ја купил „крагуевката“ за себе

Споменот на нападот не згаснува. Продолжува да живее и да се негува од нови генерации кои стасуваат. За тоа чување се посебно важни сите сведоштва но и средства кои што таа саботна вечер се користеле. Нив ги има повеќе и се чуваат по најразлични музејски и архивски институции во државата. А една од посебните реликвии врзана за таа вечер кога беа истрелани први востанички истрели веќе со години љубоморно се чува во Музејот на Македонија во Скопје – една од пушките кои вечерта биле користени во нападот и од која биле истрелани куршумите кои го означиле почеток на патот кон тешката борба за слобода.

-Грижливо ја чуваме и ја одржуваме пушката Маузер, М-1924, кал. 7,9 мм којашто му припаѓала на Драган Спиркоски – Максо, борец на првиот прилепски партизански одред, од 1941 година. Максо бил дел од ударната група на одредот која ноќта на 10 спроти 11 октомври 1941 година, го нападнала бугарскиот полициски участак во Прилеп. Таа ја добивме како донација од неговото семејство и е еден од највредните спомени на тој, еден од најзначајните настани во македонската историја – ни објаснува Здравко Стојкоски, кустос – историчар во ова наша најпрестижна музејска институција.

Допирот со пушката е како допирање на историјата. Додека ја држиме забележуваме дека е посебен тип на оружје својствен на тој период. Како и сите слични пушки и оваа се состои од цевка со преден и заден нишан, сандак, механизам за окинување, прстен, ударен инструмент, кундак… Пушката има две алки за кои е прикачен ремен од кожа.

-На кундакот, од десната страна има изгравирано ѕвезда петокрака. На цевката, од едната страна има изгравирано грб тогашното Кралство Југославија. На другата страна, се наоѓа текст: „Краљевина Југославија“ и во продолжение: „Војно технички завод Крагуевац“. Податоците укажуваат дека пушката била произведена во фабриката за оружје во Крагуевац, по 1931 година. Овие пушки кај народот биле познати и како „крагуевки“ – ни објаснува кустосот Стојкоски.

Посебна приказна е и таа како ова пушка се нашла во рацете на тогаш 17-годишниот Драган Спиркоски – Максо, кому младоста не му била пречка да земе оружје во раце и да пука со цел да придонесе за ослободувањето на сопствената татковина.

Таа приказна ни ја раскажува неговиот внук Драган Спиркоски, кој го носи истото име како и неговиот дедо и од кого и од својот починат татко ги слушал приказните за пушката, нападот, востанието…

-Тие ми раскажуваа како дедо ми ја стекнал пушката. Тој бил под влијание на неговиот постар брат Благој Спиркоски, кој, исто така, беше учесник во нападот на 11 октомври. Благоја еднаш, неколку месеци пред нападот, со дедо ми добиле налог да појдат по околните прилепски села Лозарци, Попадија, Никодин за да купат оружје од селаните кои го имале.

Одеа од село до село и купија неколку пуки и бомби. Дедо ми Максо со свои пари си ја купи таа пушка лично за себе – ни раскажува внукот Драган Спиркоски.

Тој додава дека по враќањето во Прилеп дедо му пушката ја криел во еден бунар во комшилакот.

-Била завиткана во ќебе, врзана со јаже но домаќините не ја забележувале. Од време на време ја вадел за да во околина на Прилеп, заедно со брат му и другите соборци, научи да пука од неа. Потоа, на два дена пред 11 октомври ја извадил од бунарот и ја подготвил за употреба и се упатил кон зборното место за договор за нападот – раскажува внукот Драган.

Го подари и запленетиот „шмајсер“

По нападот на участакот следел и нападот врз затворот во која група биле Благоја Корубин, Никола Попоски-Просветениот, Јонче Јанески, Мицко Козар, Перо Крстески и Душан Ристески-Кашата. Жиците ги кинеле Коле Чашуле, Мице Димески, Крсте Црвенкоски, Кире Базеркоски и Киро Ќососки. По сето тоа, сите три групи се повлекле без какви и да е загуби надвор од Прилеп каде почнале да ја продолжуваат борбата за слобода преку првиот прилепски партизански одред „Гоце Делчев“ формиран на 17 октомври. На 25 ноември 1941 година во судскиот процес на воениот суд во Битола, во отсуство бил осудена на 15 години строг темничен затвор за организирање на вооружен напад на 11 октомври 1941 година. Во 1942 година влегува во редовите на партизанскиот одред „Димитар Влахов“, а потоа и во одредите: „Добри Даскалот“ и Шарскиот партизански одред, во баталјонот „Страшо Пинџур“, како и во Втората македонска ударна бригада и Петтата (прилепска) ударна бригада. Односно, несебично се бори се до конечното ослободување на Македонија и удирање на темелите на македонската државност на Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година.

Тој зад себе оставил и едено друго оружје кое се чува како спомен на големата војна.

-Во прилепскиот музеј се чува и автоматска пушка „шмајсер“ која тој, исто така, ја подарил. Дедо ми Максо ми раскажуваше дека го запленил од еден германски војник во 1944 година кога германските трупи се повлекувале од Грција и поминувале преку Прилеп. Го заробил и му го земал оружјето кое потоа решил да му го подари на прилепскиот музеј „11 Октомври“ сместен во истата зграда во која бил и учестакот. Јас, инаку, нема да заборавам кога како десетгодишно дете ме носеше во околуната на градот и како ме учел да пукам од истата пушка со која тој пукал вечерта во нападот на участакот. Се радувам што таа сега се чува добро и што останува како сведоштво за историјата – ни раскажува внукот Драган Спиркоски.

По војната првоборецот Драган Спиркоски – Максо заминал во пензија и живеел во Скопје се до 2002 година кога и починал како носител на „Партизанска споменица 1941 година“. (Б.Ѓ.)

Во Македонија доделени 488 „Споменици 1941 година“

Во Македонија од 1944 до 1960 година биле доделени 488 „Споменици 1941“ како признание на организаторите на народното востание и пионерите на Народноослободителната борба за големи заслуги стекнати во ослободувањето на нашите народи. Овој податок е претставен на изложбата насловена како „Слава им на хероите“ која ја направи Државниот архив на Македонија во ТЦ „Дајмонд“ по повод 11 Октомври. На изложбата може да се видат бројни документи врзано за учесниците во НОБ кои го носта ова одличје. На изложените паноа може да се причита дека до крајот на 1957 година во Македонија биле поднесени 1.192 барања во кои биле вклучени и 69 барања на подносителите од Егејска Македонија, меѓу кои имале и такви кои не учествувале во НОП на биле членови на КПГ и борци во ЕЛАС.

„Споменица 1941“ е востановена во 1944 година, а во 1945 е преименувана во „Партизанска споменица 1941“

 

ИЗДВОЕНИ