Македонските спортски легенди добија доживотна пензија за врвните достигнувања во спортот. На свечена церемонија што ќе се одржи денеска во Владата на Република Македонија, свое обраќање имаа премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт Борко Ристовски, кои воедно им доделија признанија и плакети на најдобрите во спортот.
Со национално спортско признание за врвни достигнувања во спортот се стекнаа фудбалските легенди Горан Пандев, Дарко Панчев и Илија Најдоски, поранешните кошаркари Петар Наумоски и Перо Антиќ, како и ракометните ѕвезди Кирил Лазаров, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Петар Ангелов, Марко Кизиќ, Марко Мишевски, Мартин Поповски, Валентина Радуловиќ, Елена Ѓорѓиевска, Индира Кастратовиќ, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска Муратовска и Клара Боева.
- Денеска не зборуваме само за спорт, денеска зборуваме за пожртвуваност, за истрајност, за достоинство, за љубов кон татковината. Денес овде ја исправуваме државава пред нејзините најгорди амбасадори – спортистите, што со години наназад ја носеа Македонија во срцето и на грбот и на терените, арените и подиумот низ светот. Доделувањето на Национално признание за врвни достигнувања во спортот е повеќе од формалност, тоа е чин на длабока, искрена и заслужена почит. Признавање на животен подвиг на луѓе кои не барале ништо, а дале сè во својата кариера, луѓе што ги претворија соништата во резултати, а резултатите во национална гордост. Овие признанија се за заслугите во минатото и за поттик на младите во иднина. Со оваа награда им подаваме рака и им порачуваме: Македонија ќе биде секогаш тука за вас, ќе ве препознае, ќе ве поддржи и во рамките на своите можности ќе ве награди, изјави премиерот Мицкоски.
ФОТО: П.С.
Свој печат за големите достигнувања даде и министерот за спорт, Борко Ристовски, кој верува дека во иднина уште многу македонски таленти ќе се издигнат во височините на спортот.
- Голема почит и благодарност до сите оние кои се вложија во спортот и кои придонесоа и придонесуваат за врвните резултати во македонскиот спорт. Се надевам дека во иднина ќе гледаме уште многу наши спортисти кои ќе бидат дел од големите натпреварувања, додаде Борко Ристоски.
Инаку, овие признанија беа доделени на сите оние македонски спортисти за нивните исклучителни клупски остварувања во екипните спортови, како Кометалки, Вардарци, како и Лазаров кој ја освои титулата со Барселона во Лигата на шампиони, и Антиќ кој ја освои Евролига со Олимпијакос и Фенербахче.
Инаку, според законските одредби, на спортистот кој стекнал национално спортско признание му беше доделена плакета и месечен паричен надоместок во висина од половина до една и пол просечна месечна плата од претходната година.
(К.Т.)