Согласно со податоците на Државниот завод за статистика, реалниот пораст на бруто-домашниот производ (БДП) во третиот квартал од 2025 година изнесува 3,8 отсто, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска. Министерката кажа дека во споредба со земјите од регионот и од ЕУ, Македонија е на трето место по раст на БДП, при што повисок раст е забележан во Ирска и Данска.
„Ова претставува дополнително забрзување на економската активност, по растот од 2,9% во првиот и 3,5% во вториот квартал годинава. Притоа, растот од 3,8% е еден од највисоките во последните неколку години. Во споредба со земјите од регионот и од ЕУ, согласно со податоците за третиот квартал за 2025 година, Македонија е на трето место по раст на БДП, при што повисок раст е забележан во Ирска и Данска. Доколку споредуваме со земјите од регионот, за третиот квартал од 2025 година, растот во Србија изнесува 2,0 %, во Црна Гора 3,1 %, во Хрватска 2,3 %, во Бугарија 3,1 %, во Романија 1,2 %. Кумулативно, растот во првите три квартали годинава изнесува 3,4 %“, рече министерката Димитриеска-Кочоска.
Како што кажа министерката, главниот двигател на растот во третото тримесечје се бруто-инвестициите, кои се зголемени за 30,6 %, како резултат на силниот раст на инвестициите во основни средства. Освен инвестициите, придонес кон растот има и финалната потрошувачка со раст од 1,8 %. Растот во градежништвото е 21 %, услугите бележат раст од 2,9 %, информациите и комуникациите од 7,4 %, стручните, научните, и техничките дејности од 6,1 %; како и трговијата и транспортот од 2,6 %. Индустријата, како што кажа министерката, се зголеми за 1,3 %, при раст на преработувачката индустрија од 2,5 %. Забележителен е и растот на земјоделството од 4,0 %.












