Во македонскиот спорт, без разлика дали станува збор за кошарка, фудбал, ракомет… неуспехот секогаш се поврзува со тоа што сме мала земја и дека нашите можности се толку. Но, доколку се погледне пошироката слика, се гледа дека и држави колку нашата, па дури и помали, имаат одлични резултати на големите спортски натпреварувања или, пак, напредуваат драстично побрзо за разлика од нас, за кои и самото учество се смета за голем успех.
Една од земјите која покажува значителни спортски резултати е и Исланд. Малата островска држава со 390.000 жители, дури два пати беше дел од едно големо фудбалско натпреварување. Таа настапи на Европското првенство во 2016 година, а две години подоцна играше и на Светското првенство во Русија.
Но, Исланд, пред сè, е земја која е повеќе позната по ракометот, има седум учества на Олимписките игри (сребрен медал од ЛОИ 2008), 23 учества на Светско првенство (најдобар резултат петто место во 1997) и тринаесет учества на Европско првенство со најдобар резултат бронза во 2010 година. Исланѓаните ќе имаат шанса да освојат и нов медал од континенталните собири бидејќи се пласираа во полуфиналето на Европско првенство во Данска, Норвешка и Шведска, чија завршница ќе биде претстојниов викенд, а денеска се закажани полуфиналните натпревари. Исланд во полуфиналето ќе ги одмери силите со првиот фаворит за титулата Данска, а во второто полуфинале ќе играат Германија и Хрватска. Победниците од овие дуели ќе се борат за злато, поразените за бронзениот медал.
Меѓутоа, многу е поважно тоа што ваквите успеси на оваа селекција покажуваат дека исландската школа пишува импресивна страница во европската историја. Покрај репрезентацијата, дури и тројца исландски тренери ќе се најдат во полуфиналето на Европското првенство 2026, што е редок и извонреден успех за оваа мала земја.
Алфред Гисласон ја води Германија, Снори Стеин Гудјонсон е селектор на Исланд, а Дагур Сигурдсон е на клупата на Хрватска. Фактот што три различни селекции водени од Исланѓани стигнаа меѓу четирите најдобри екипи на ЕП, ја потврдува врвната тренерска репутација на Исланд на европската сцена.
Единствена селекција без исландски тренер е Данска, водена од Николај Јакобсен. Овој податок зборува не само за индивидуалниот квалитет на овие стратези туку и за системот, знаењето и за филозофијата што исландскиот ракомет ја извезува низ цела Европа. (С. Т)












