Скопје и Македонија од 28 до 30 октомври ќе бидат во центарот на светската енергетска сцена. Преку илјада учесници од повеќе од 70 држави се пријавени на 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), под наслов „Од цели кон акција: Напојувајќи ја иднината со одржлива енергија / From Goals to Action: Powering the Future with Sustainable Energy“.
Настанот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини на Република Македонија, во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и петте регионални комисии на Обединетите нации (UNECE, UNESCAP, UNECLAC, UNECA и UNESCWA). Оттаму велат дека високи претставници на меѓународни институции, економски лидери, академици и експерти – ќе се соберат во главниот град на Република Македонија за да ја обликуваат иднината на енергетиката и одржливиот развој.
Форумот ќе започне во вторник со официјално отворање во Македонска филхармонија, на кое ќе се обратат премиерот на Република Македонија, Христијан Мицкоски, Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини, Армен Григорјан, постојан претставник на Обединетите нации во земјава, Татијана Молчан, извршна секретарка на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (UNECE), како и високи претставници на владите, меѓународните организации и енергетскиот бизнис-сектор.
Во текот на тридневниот форум ќе се одржат низа панел-дискусии, технички сесии и тематски разговори на кои ќе се разгледуваат најактуелните прашања поврзани со енергетската безбедност и отпорност, финансирањето на чиста енергија, дигитализацијата на системите, управувањето со критични суровини, праведната транзиција, како и улогата на младите и на жените во енергетската трансформација.
Целта на форумот е да се премине од глобални цели кон конкретни акции – со јасни чекори за диверзификација на изворите, забрзување на обновливите инвестиции и развој на регионална соработка за енергетска стабилност.
Во рамките на форумот, ќе биде потпишана „Скопје декларацијата“ – документ кој ќе остане како значаен траен запис за заложбите на земјите учеснички кон одржлива, безбедна и инклузивна енергетска иднина. Со ова, Македонија ја зацврстува својата позиција на енергетската светска мапа како рамноправен и кредибилен партнер во глобалната транзиција.












