Македонија добива 600.000 евра за техничка поддршка за модернизација и дигитализација на преносната електроенергетска мрежа што е важен чекор кон обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија, намалување на техничките загуби, зголемување на ефикасноста на системот и подготовка на МЕПСО за растечкиот удел на обновливи извори и интеграцијата на регионалниот пазар.

За таа цел денеска во Министерството за енергетика беше потпишан грант-договор меѓу МЕПСО и Француската агенција за развој (АФД), а средствата ќе се искористат за изработка на студии за адекватност на системот со користење на пазарниот симулатор АНТАРЕС, димензионирање на системските резерви, воспоставување методологија за пресметка на преносни загуби и изработка на студија за изводливост,  како и подготовка на концептуален дизајн за дигитализација на трафостаница. Во рамките на проектот, експерти од РТЕ Интернешнл – подружница на францускиот оператор на преносниот систем РТЕ – веќе одржаа обуки за инженерите на МЕПСО за користење на симулаторот АНТАРЕС, со што се унапредуваат нивните технички и аналитички капацитети за поефикасно управување со системот во сè подинамичен електроенергетски пазар.

– Техничката помош од Француската агенција за развој ќе му овозможи на МЕПСО да ја забрза модернизацијата и дигитализацијата на мрежата, да го подобри планирањето и работењето и поефикасно да ја управува променливоста што произлегува од поголемото учество на обновливите извори и динамиката на пазарот. Оваа поддршка е значајна за граѓаните и стопанството. Понапредна и попаметна мрежа значи помалку прекини, подобро искористување на чиста енергија, посилни регионални врски и поголема отпорност на системот – без разлика дали станува збор за временски услови, флуктуации на побарувачката или пазарна нестабилност – истакна министерката за енергетика, Сања Божиновска.

Генералниот директор на МЕПСО, Бурим Љатифи, истакна дека пилот-проектот за дигитализација е фокусиран на развој на целосно дигитална трафостаница со напредни системи за заштита, управување и надзор и претставува конкретен чекор кон трансформација на МЕПСО во попаметен, поефикасен и ориентиран кон иднината оператор на преносниот систем.

Според Вероника Милевски, извршна директорка на РТЕ Интернешнл, договорот обединува напредно моделирање на електроенергетскиот систем, иновативно предвидување на резервите со користење на вештачка интелигенција и пилот-проект за дигитализација на трафостаница од 110 kV – одлучувачки чекор кон поотпорна, потранспарентна и поконкурентна електроенергетска мрежа.

Францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, нагласи дека Франција, преку АФД и РТЕ Интернешнл ја поддржува Северна Македонија во напорите за јакнење на енергетската стабилност и создавање позелена и подигитализирана иднина.

Г-дин Франсоа Винс, заменик-директор на Канцеларијата на АФД за Западен Балкан, додаде дека оваа соработка е дел од посилната заложба на АФД за поддршка на македонските партнери, и со задоволство ја искористи оваа прилика да го најави отворањето на локалната канцеларија на АФД во Скопје, која ќе ја претставува Мелани Малинво.

Групацијата АФД финансира, поддржува и забрзува неопходни транзиции кон поправеден и поотпорен свет. Активна во регионот на Западен Балкан од 2019 година, АФД има мандат да им помогне на земјите од регионот во приближувањето кон стандардите на ЕУ и спроведувањето на Парискиот договор за климатски промени, со цел инклузивен и нискојаглероден економски развој. Од тогаш, АФД има ангажман од над 1,5 милијарди евра во регионот на Западен Балкан, преку 39 активни проекти.

ИЗДВОЕНИ