Македонската кошаркарска федерација го именуваше Жозеп Мариа Берокал за нов селектор на машката репрезентација. Станува збор за искусен шпански стручњак со повеќе од 35 години тренерско искуство, како и 14 години во Евролигата, најелитното европско клупско натпреварување.
Во својата богата кариера како главен и помошен тренер, Берокал има освоено вкупно 21 трофеј, меѓу кои и две титули во Евролигата, а работел во 13 различни национални лиги и девет држави, што го вбројува меѓу најискусните интернационални тренери во европската кошарка.
Неговиот професионален ангажман вклучува работа во врвни европски клубови како Барселона, Панатинаикос, Басконија, Макаби од Тел Авив, Баерн Минхен, како и во повеќе национални првенства на највисоко ниво (AЦБ – Шпанија, Евролигата, израелската лига, Лигата на Турција, украинската лига и други).
Како дел од Барселона, од 1997 до 2010 година, освои две титули во Евролигата како помошник тренер на Светислав Пешиќ и Чави Пасквал, три титули во АЦБ лигата, три титули во Купот на кралот и две титули во Суперлигата.

Берокал соработувал со некои од најголемите имиња во светската кошарка, меѓу кои: Светислав Пешиќ, Чави Пасквал, Душко Ивановиќ, Јоргос Барцокас, Велимир Перасовиќ, Одед Каташ и Гордон Херберт, што дополнително го потврдува неговиот стручeн и професионален кредибилитет.
Покрај работата со сениорски екипи, Берокал има и значајно искуство во развој на млади играчи, со 15 години работа во младински категории, вклучително и освојување на две шампионски титули во Шпанија со У18 селекции.
Неговата работа е препознаена како системска, дисциплинирана и насочена кон долгорочен развој на играчи и тимови.
Ангажманот на Жозеп Мариа Берокал претставува дел од стратешката определба на кошаркарската федерација на Македонија за подигнување на стручните стандарди, воспоставување на јасен систем на работа и градење конкурентна сениорска репрезентација, во тесна поврзаност со младинските селекции.
Федерацијата изразува уверување дека искуството, знаењето и меѓународниот авторитет на новиот селектор ќе придонесат за стабилност, напредок и јасна визија во натамошниот развој на македонската кошарка.











