Македонија од Обединетото Кралство добива на располагање историски најголем износ на средства од пет милијарди фунти (6 милијарди евра) што земјава може да ги повлекува во наредните 10 години за остварување на капитални проекти. Параф на договорот „Влада со Влада“ вчера во Лондон ставија заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и британскиот министер за економија и извоз Герет Томас.
Се дискутирало за три групи на проекти кои се веќе одобрени – брзата железничка линија на Коридор 10, од Табановце до Гевгелија, потоа изградбата на болниците во Кичево, Тетово и Штип, и третиот, изградба на медицински факултет и студентски дом во Штип, што според Николоски, ќе овозможат додадена вредност на македонската економија.
Тој изјави дека по потпишувањето на договорот меѓу владите и по ратификацијата во македонското Собрание, а од страна на Велика Британија откако ќе се услови во владата, ќе започнат официјални разговори во врска со начините на финансирање и реализација на овие проекти и наскоро ќе има детали за тоа.
– Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство го гледаме како нешто што ќе ја доведе Македонија до едно ново ниво. Потпишавме меѓувладин договор, за развој на инфрструктурни проекти во клучни сектори како што се транспорт, образование, животна средина, информатичка технологија, како и други сектори коишто ќе ги развиваме, тука е здравството и образованието и ќе продолжиме да соработуваме во претстојниот период – изјави Николоски по потпишувањето на Договорот и очекува во текот на летото да имаме договори, а доцна наесен и работа на терен.
Британскиот министер Томас истакна дека двете држави имаат силни билатерални односи, како сојузници во НАТО и оцени дека ова ново партнерство е значителен чекор напред во идната трговија меѓу двете земји. Тој изрази задоволство поради можноста за соработка на македонските и британските бизниси со цел да се испорачаат важни инфраструктурни проекти во земјава.
– Меѓувладиниот договор ќе поддржи испорака на клучни проекти, прво со фокус на модерни и здравствени установи и пристап до здравствени услуги. Секако тука е новата железница со што ќе се намали времето на патување и за луѓето и за стоките. Инфраструктурните инвестиции знаеме дека се клучни за да се поттикне економскиот раст и да се подобри животот на граѓаните – нагласи Томас.
Новото задолжување на државата наиде на реакции во опозицијата. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, укажа дека со новото задолжување од 6 милијарди евра, јавниот долг на државата ќе скокне на 115% од БДП.
– Според анализите на СДСМ, јавниот долг ќе надмине 115% од БДП што е полошо и од грчката криза од пред повеќе од една деценија. Тоа значи дека секое новороденче во следните 25 години непосредно по раѓањето ќе должи 6.000 евра – истакна Филипче.
Тој смета дека договорите ќе бидат скриени од очите на јавноста.
– Министерката за финансии вели дека ќе се спроведува постапка, согласно Законот за јавни набавки, но со странски фирми. Ние направивме проверка, нема да важи законот за јавни набавки. ВМРО-ДПМНЕ, партијата која седум години критикуваше за корупциски договори, сега самата создава простор за сериозни сомнежи. Сите гледаме што се случува, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ ја води државата во амбис – истакна Филипче.
Претседателот на СДСМ рече дека сериозни медиуми од Велика Британија известуваат дека земјите од Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, ќе станат центри за прифаќање бегалци непожелни во Велика Британија.
– А премиерот молчи, нема став – рече Филипче.
Демантирајќи ги наводите на Филипче, премиерот Христијан Мицкоски потенцира дека стратешкиот договор не предвидува прием на мигранти и дека истиот ќе биде презентиран во Собранието.
– Бидете спокојни, таква работа кај нас ќе нема. Амбасадорот на Обединетото Кралство беше многу јасен оти нема таква работа. А таа тема се наметна откако во Албанија беше потпишан договор меѓу тамошниот премиер и премиер на една земја во Европската Унија за изградба на кампови каде што Албанија ќе прими неколку десетици илјади мигранти. Аналогно на тоа таа тема се пренесе тука, но таа тема е затворена. Јас разбирам дека дел од опозицијата и малкутемина нивни поддржувачи се обидуваат да растурат пердуви, мислејќи така дека ќе го оцрнат овој стратешки договор и дека ќе нанесат штета на имиџот и работата на владата – дециден е Мицкоски.
Премиерот истакна дека стратешкиот договор ќе биде презентиран во македонското Собрание, пред пратениците.
– Ние шверцерски ништо не носиме, не злоупотребуваме европско знаме, ќе видат пратениците сè што следи од тој проект, изградба на пруга што ќе ги поврзи Табановце со Гевгелија, реконструкција и модернизација на пругата, завршување на Клинички центар во Штип, заедно со зграда за Медицински факултет и Студентски дом, изградба на болницата во Кичево заедно со здравствен дом и целосна реконструкција на Клиничка болница во Тетово. Тука не застануваме бидејќи имаме најмалку уште 60 проценти од рамката што ни е на располагање. На ваков начин се гради државата, наместо како што беше во минатото кога се крадеше – посочи Мицкоски.
Бизнисот бара да биде присутен со најмалку 70 отсто од извршувањето на работите во новите проекти и инвестиции што ќе ги договора Македонија со Обединетото Кралство во рамки на стратешкото партнерство. Ова на министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска и го побара претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Азески рече дека компаниите се задоволни од работата на Владата иако има мислење дека некои од работите побавно се одвиваат.
– Моментно, во оваа исклучително проблематична геополитичка ситуација, мора превентивно да се дејствува за да одговориме на сите предизвици. Бараме враќање на солидарниот данок, тука мислам на одлуката на Уставниот суд, како и во предизборието повторно да се покрене процесот на децентрализација – истакна Азески.
Капиталните проекти се важни за економскиот раст
Од Институтот за економски истражувања и политики Фајнанс тинк укажуваат дека ако британскиот заем е дополнување, наместо замена, на финансирање на буџетските дефицити од други извори како еврообврзници, тогаш каматниот долг ќе продолжи да расте.
– Британскиот заем не смее да ги намали напорите за фискална консолидација и преку приходната и преку расходната страна на буџетот. Од технички аспект, укажува дека реализацијата на стратешкото партнерство ќе се судри со нашиот капацитет за реализација на капиталните проекти – велат од Институтот.
Алоцирањето јавни средства за стратешки инфраструктурни и капитални проекти, според Фајнанс тинк, претставува клучен двигател на одржлив и долгорочен економски раст.
– Ваквите инвестиции имаат мултипликативен ефект врз економијата – од една страна, тие го поттикнуваат растот на бруто-домашниот производ преку директно ангажирање на градежниот и сродните сектори, а од друга страна, поставуваат основа за зголемена продуктивност и конкурентност на долг рок. Инвестициите во железничката мрежа, на пример, не се само логистички подобрувања, туку и стратешки чекори за зголемување на регионалната поврзаност, ефикасноста на транспортот на стоки и луѓе, и интеграцијата со трансевропските транспортни коридори. Вложувањата во здравствени капацитети претставуваат суштински одговор на долгогодишните слабости во здравствениот систем, особено во делот на еднаков пристап до квалитетна здравствена заштита надвор од главниот град – потенцираат од Институтот.
Оттаму потенцираат дека секое задолжување ќе влијае врз зголемување на јавниот долг, барем на краток до среден рок.
– Нема економска логика да се аргументира дека јавниот долг не би пораснал. Доколку проектите кои се предвидени да се финансираат се веќе проектирани во Фискалната стратегија, тогаш во најдобро сценарио, јавниот долг не би пораснал повеќе од неговата проекција во Фискалната стратегија, но тоа неопходно значи дека тој би се намалувал. Под претпоставка дека половина од просечниот годишен износ на британскиот заем би претставувал буџетски дефицит над проектираното ниво во Фискалната стратегија, јавниот долг во 2029 година би изнесувал 65,9 проценти од БДП, наспроти моментално проектираните 62,2 проценти – велат од „Фајнанс тинк“.
(С.Бл.)