Со измени на Законот за електронски комуникации, поставени на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР), државата започнува процес на усогласување со европските регулативи што ќе овозможат приклучување кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Целта е граѓаните и компаниите да можат да користат мобилни услуги во земјите членки на ЕУ без дополнителни трошоци за роаминг, односно под исти услови како во домашната мрежа. Носител на законските измени е Министерството за дигитална трансформација, а заинтересираните страни имаат рок од уште четири дена да достават коментари на нацрт-текстот.

Според предложените измени, ќе се воспостават јасни правила за ограничување на цените на роаминг-услугите и механизми за спречување на неочекувано високи сметки. Во нацрт-верзијата се предвидува зајакнување на транспарентноста и на регулаторната улога на надлежните институции, со цел зголемена заштита на корисниците и поголема правна сигурност. Очекувањата се дека ваквото решение ќе овозможи полесен пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација при престој во земјите на ЕУ.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, минатиот месец изјави дека државата мора да ги заврши домашните обврски до февруари, по што процесот ќе продолжи со лобирање и договори на релација Македонија –ЕУ и Западен Балкан – ЕУ. Освен пренесувањето на четири европски регулативи во законот, до јули годинава треба да бидат донесени и соодветни подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.

Инаку, Македонија од 1 јуни 2021 година е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан, со кој граѓаните користат мобилни услуги во регионот без дополнителни трошоци. Сепак, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно усогласен со европските стандарди.

Европската комисија на Лидерскиот самит за Планот за раст, одржан на 30 јуни и 1 јули 2025 година, најави започнување постапка за правно решение што ќе им овозможи на земјите од регионот пристап кон „Роаминг како дома“. Во август 2025 година, Владата ја усвои Информацијата за оваа иницијатива, заедно со Акциски план за усогласување со европското законодавство. Според планот, до 22 декември 2025 година треба да се изработи детална анализа на правната празнина меѓу националното и европското законодавство, а најдоцна до април 2026 година да се подготват потребните законски и подзаконски решенија.

 

ИЗДВОЕНИ