Македонија чека добри вести од Америка

1021

Во наредните денови за македонските граѓани ќе има добри вести од нашиот стратешки партнери Соединетите Американски Држави, најави премиерот Христијан Мицкоски, запрашан за коментар во однос на одлуката на Вашингтон да го стопира издавањето иселенички визи за 75 земји, меѓу кои и за Македонија. Мицкоски потсети дека Министерството за надворешни работи и трговија даде коментар и дека одлуката на САД е поврзана со емигрантските визи.

– Станува збор за емигрантските визи, а не за визи што се за потребите за студирање или туристички посети. Јас мислам дека во деновите што следуваат ќе има добри, пријатни вести за македонските граѓани, а се однесуваат на нашиот стратешки партнер, изјави Мицкоски.

Во однос на критиките од опозицијата, премиерот рече дека она што го правела со Обединетото Кралство, сега таа го прави со САД.

– Јас жалам што опозицијата, по жестоките и рафални критики кон нашиот стратешки партнер – Обединетото Кралство, сега ова го прави и кон САД. Ќе ве потсетам, не толку одамна, кога беа наметнати трговските тарифи од 35 проценти, истите тие опозициски перјаници, кои јас ги нареков талог на општеството во политиката, поитаа да го навредуваат нашиот стратешки партнер САД, а никаде ги немаше да се извинат кога се нивелира таа ставка на 15 проценти. Во оваа смисла јас би бил внимателен и трпелив и набргу очекувам многу добри вести за македонските граѓани, убедува премиерот Мицкоски.

По информацијата дека САД ја спушта рампата за иселеничките визи, македонскиот министер за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски појасни дека одлуката на САД за привремена пауза на издавањето иселенички визи за македонските граѓани не значи ниту прекин на визните постапки ниту ставање на земјава на црната листа. Тој потенцира дека мерката се однесува исклучиво на иселеничките визи, за кои, како што рече, има најмал број апликации, кои, пред сè, доаѓаат од повозрасната категорија граѓани и дека ваквата одлука не ги засега студентите, бизнисмените, туристите и другите категории граѓани, нагласувајќи дека постои континуирана и активна комуникација со Вашингтон и дека во наредниот период, можеби и во рок од шест месеци, се очекуваат позитивни поместувања во визната политика.

– Работиме на изнаоѓање решение и нашите граѓани не треба да се грижат. Кога има предизвик, наша работа е да најдеме решение. Оставете малку на времето и на нашата комуникација, на фактот што имаме одлична соработка со нашиот стратешки партнер и она што можам да го кажам е дека во следниот период, па, можеби, во следните шест месеци, дополнително позитивно ќе се изненадите од она што може да се случи во развојот на визната политика на САД кон нашата држава, односно да почнеме да затвораме прашања што 20 години се обидувавме да ги затвориме – рече македонскиот шеф на дипломатијата.

Опозициската СДСМ, пак, ја обвини власта дека ја довеле државата во периметар со Сомалија. Оттаму велат дека одлуката на САД да ја суспендираат обработката на иселенички визи за македонските граѓани не е техничка пауза, туку политички сигнал и предупредување.

 -Мерката на САД е дипломатски сигнал, политички аларм и индикатор за тоа каде реално се наоѓа државата на меѓународната мапа. Ова се први чекори што ги гледаме, САД носат и Закон за Западен Балкан насочен директно кон борбата против криминалот и корупцијата, рече Андреј Жерновски на прес конференција.

Според американскиот Стејт департмент, одлуката за привремено стопирање на издавањето иселенички визи е донесена со цел да се направи сеопфатна ревизија на начинот на кој тие се издаваат, да се спречат евентуални злоупотреби на системот и да се намали практиката дел од иселениците да стануваат корисници на државна помош во САД. Од Стејт депратментот појаснија дека „апликантите за имигрантска виза кои се државјани на засегнатите земји можат да поднесуваат апликации и да присуствуваат на интервјуа, а Стејт департментот на САД ќе продолжи да закажува термини. Сепак, во текот на оваа пауза нема да се издаваат имигрантски визи на државјани на овие земји“.

Во табелата што неодамна ја објави поранешниот американски претседател Доналд Трамп се наведува дека 33 проценти од македонските семејства кои емигрирале во Соединетите Американски Држави користеле некаков вид на социјална или државна помош, што, според американските власти, е еден од показателите за потребата од построги и појасни критериуми во идната визнa политика. (В.С.Н.)

ИЗДВОЕНИ