Годинава, производството на вино се очекува да достигне помеѓу 90 и 100 милиони литри, колку што изнесува просекот во изминатите 10 години. Најмалку 85 отсто од него ќе заврши на странските пазари.
Во последните две децении, македонското квалитетно вино почна да се изборува за приматот што го заслужува. Ако во 2005 година, 92 отсто од извезеното вино било наливно, денес околу една третина од виното што завршува на странските маркети и ресторани е во флаша. Тоа значи подобар имиџ, повеќе приходи и градење успешна и позитивна приказна и трговско име.
Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршна директорка на „Вина на Македонија“, објаснува дека Системот за географска ознака не е само техничка процедура, туку и визија. Идејата за негово воведување постоела одамна, но дури во последните неколку години, со заедничка работа на винариите и на поддршката од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), процесот добива конкретна форма.
– Само ако имаме Систем на географски ознаки воспоставен според стандардите на Европската Унија, може да се сметаме за вистинска винска земја. Тоа не е само гаранција за квалитет, туку и начин да се изгради имиџот на Македонија како винска дестинација, вели Младеновска-Јеленковиќ.
Во изминатите две и пол години, интензивно се работи на воспоставување на Системот за географска ознака. Во април 2024 година се донесоа неопходните измени во Законот за вино, а во меѓувреме се спроведоа обуки за лозарите и за винариите.
Воведувањето на овој систем не е значаен само за големите производители на вино, тој ќе донесе низа придобивки и за малите винарии и за лозарите.
– Процесот што го почнавме по долго одложување и чекање подразбира, пред сè, воведување стандарди за производство на грозје, идентификација на добиен производ вино од стандардизирано грозје со точно дефинирана област на производство, каде што доаѓаат до израз тероарните карактеристики. За малите винарии, секако, значи додадена вредност на нивниот производ, заштита за квалитетот и можност за зголемена продажба, вели Илија Јанчев, сопственик на малата винарија, која покрај со производство на вино, се занимава и со одгледување грозје.
Македонија е на чекор да стане дел од друштвото на глобално признати производители на вино со специфична географска нота.












