Извршниот одбор на Европската ракометна федерација (ЕХФ) на својот состанок во Ротердам, го отвори патот за нова ера на европскиот клупски ракомет. Помалку од два месеци откако беше објавено дека Лигата на шампиони за мажи ќе биде проширена на 24 екипи и дека ќе биде воведен нов формат од сезоната 2026/27, Извршниот одбор го потврди системот за распределба на места за двете натпреварувања.
Додека Лигата на шампиони за мажи на ЕХФ продолжува да ги собира „најдобрите од најдобрите“ во европскиот клупски ракомет, ќе бидат опфатени повеќе пазари од претходно. Основата за распределба е ранг-листата на федерациите за клупските натпреварувања, која за сезоната 2026/27 вклучува резултати од сезоните 2022/23, 2023/24 и 2024/25.
Федерациите рангирани од 1 до 10 место имаат едно фиксно место во натпреварувањето. За следната сезона, тие се: Германија, Шпанија, Франција, Данска, Полска, Унгарија, Романија, Португалија, Хрватска и Норвешка.
Секоја од овие ТОП 10 федерации има право да побара до две дополнителни вајлд – карти од Европската лига на ЕХФ во Лигата на шампионите на ЕХФ. Од примените апликации, ќе бидат прифатени максимум осум екипи. Отворени се максимум четири места за барања за надградба од федерации кои немаат фиксно место во Лигата на шампионите на ЕХФ.
Останатите места ќе бидат предмет на одлука на ЕХФ. Можностите вклучуваат доделување места на победниците на Лигата на шампионите на ЕХФ и/или Лигата на Европа на ЕХФ. ЕХФ, исто така, го задржува правото да додели посебни покани (вајлд карди) за учество, вклучително и на клубови надвор од Европа.
Бројот на екипи по федерација е ограничен на максимум три. За сите места, ќе биде задолжително да се исполнат минималните критериуми.
Претседателот на ЕХФ, Михаел Видерер, изјави: „Нивото на квалитет меѓу европските ракометни клубови е толку високо што Лигата на шампионите на ЕХФ ќе биде неверојатно конкурентна, што ќе ја зголеми нејзината привлечност за навивачите, медиумите и партнерите и ќе го позиционира производот на пазарот да биде уште посилен.“
Дваесет и четири екипи ќе бидат извлечени во шест групи од по четири. Дванаесет екипи ќе се пласираат во главната рунда, која ќе има две групи од по шест, по што ќе следат четвртфиналето и EHF FINAL4. Ждрепката е закажана за 26 јуни 2026 година.












