Ограничувањето на престојот во Шенген повторно ја отвори дилемата за статусот на професионалните возачи од земјите од Западен Балкан. Додека Македонија настапува со координиран институционален пристап и директна комуникација со Европската комисија, дел од регионалните здруженија најавуваат радикални чекори и нови блокади. Од македонското Министерство за транспорт велат дека во фокусот е изнаоѓање трајно, но и преодно решение што нема да ја загрози работата на транспортните компании. Исходот од засилените разговори со Европската комисија ќе биде клучен за стабилноста на секторот и за непреченото одвивање на меѓународниот транспорт

Прашањето за престојот на македонските професионални возачи во Шенген-зоната повторно е во фокусот на јавноста откако дел од регионалните транспортни здруженија најавија нови блокади на товарните премини поради ограничувањето од 90 дена престој во период од 180 дена. Додека пристигнуваат поостри пораки од регионот, македонските институции уверуваат дека се бара решението преку активен и координиран дијалог со Европската комисија.
Од Министерството за транспорт и врски информираат дека во континуитет се води интензивна комуникација со Европската комисија, со цел да се изнајде трајно и системско решение за престојот на превозниците во рамките на новата визна стратегија на Европската Унија.
– Министерството е во постојана комуникација со превозниците и со Европската комисија, со цел изнаоѓање решение во рамките на новата визна стратегија, каде што се отвора можноста возачите да бидат третирани како професионалци, како и можноста за друг вид визи – наведуваат од ресорот.
Оттаму посочуваат и дека е најавено одложување на примената на новиот Entry/Exit System (EES), што, според нив, дава дополнителен простор за техничко усогласување и за дефинирање прифатливо решение.
– Дијалогот се одвива преку техничка работна група во која се вклучени сите релевантни институции и претставници на Европската комисија, а разговорите во наредниот период ќе продолжат со засилена динамика – велат од ресорното Министерство.
Оттаму апелираат јавноста и превозниците да не потпаѓаат под шпекулации и непроверени информации што може да му наштетат на процесот на дијалог, особено кога станува збор за информации што доаѓаат од соседните држави.
– Секоја држава одлучува самостојно. Македонија продолжува со активниот и конструктивен дијалог за изнаоѓање трајно решение – порачуваат од институцијата.
Паралелно, и транспортните превозници активно лобираат за преодно и системско решение. Од асоцијацијата „Макамтранс“ информираат дека на 11 февруари се одржал состанок на работната група со претставниците на шесте држави од Западен Балкан, со цел размена на технички показатели и изнаоѓање решение до целосно спроведување на новата стратегија за визна либерализација на ЕУ.
– Со дополнетата стратегија, првпат се признава статусот на професионалниот возач како лице што врши дејност, што отвора можност за поинаков третман во однос на престојот – велат од „Макамтранс“.
Од асоцијацијата нагласуваат дека нивната цел е да се обезбеди непречено вршење на превозот на стока и патници на територијата на ЕУ, без дискриминација и со почитување на меѓународните договори. Асоцијацијата веќе испратила дописи до институциите и до дипломатските претставништва на земјите членки на Шенген-зоната со барање за разгледување на можноста за посебна виза за професионалните возачи.
– Испратен е официјален допис до Министерството за надворешни работи и надворешна трговија со барање за институционална поддршка и организирање средба со амбасадорите на земјите членки на Шенген-зоната што имаат дипломатски претставништва во државата. Упатена е покана и до амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, како и до претседателот на Комората за странски инвестиции. Целта на иницијативата е обезбедување услови за непречено вршење превоз на стока и патници на територијата на ЕУ во преодниот период, без неправедни ограничувања и дискриминаторски постапки, во согласност со Спогодбата за стабилизација и асоцијација од 2001 година и билатералните договори од областа на патниот превоз – велат од „Макамтранс“.
Побарана е поддршка и од стопанските комори, Организацијата на работодавачите, како и од претставниците на секторот патен транспорт и логистика од Белгија, со цел обезбедување поширока европска координација преку нивните партнери во земјите од Шенген- зоната.
Во меѓувреме, од регионалните здруженија доаѓаат значително поостри реакции. Претседателот на Меѓународното транспортно бизнис-здружение, Неџо Мандиќ, изјави дека последната средба со претставниците на ЕУ била „катастрофална“ и дека ниту еден од предлозите на транспортерите не бил прифатен.
– Тие не прифатија ништо што предложивме, само рекоа: Приспособете се на правилото 90/180, нема друг начин – изјави Мандиќ, најавувајќи можни нови блокади по дополнителната координација со колегите од регионот.
Според информациите од регионот, компромисните предлози што ги испратија властите и транспортерите до ЕК се отфрлени со образложение дека се „невозможни, премногу креативни и спротивни на Шенген-правилата“. Како алтернатива, било предложено возачите да го регистрираат своето живеалиште во една од земјите членки на ЕУ, што транспортерите го оценија како неприфатливо.
Новиот систем за влез и излез од ЕУ строго го ограничува престојот на возачите од земјите што не се членки на ЕУ на 90 дена во период од 180 дена. Поради природата на својата работа, професионалните возачи многу брзо го достигнуваат овој лимит, по што се соочуваат со депортација или со забрана за влез во ЕУ.
(С. Бл.)












