Рециклираниот бетон нуди нова шанса за да стане отпадот ресурс. Со современите технологии и примери од Европа, стариот бетон може да се претвори во стабилна и стилска конструкција. Овој пристап не само што го намалува јаглеродниот отпечаток туку отвора и нови архитектонски можности. За да се реализира целосно, потребна е поддршка од законите, инфраструктурата и поголема јавна свест за циркуларното градежништво. Рециклираниот бетон може да се користи за потпорни sидови, патишта и за тротоари, но, исто така, и за некои видови конструкции, како што се неструктурните делови на зградите

 

Бетонот е еден од материјалите што најмногу се фрлаат во светот, најчесто како  последица на рушење на објектите и на инфраструктурата. Во Македонија годишно се произведуваат приближно 460.000–500.000 тони градежен шут, вклучувајќи бетон, тули, дрво и други материјали. Најголем дел од овој отпад завршува на депонии, без селекција и рециклирање, што создава дополнителен притисок врз инфраструктурата и врз животната средина. Недостигот од специјализирани постројки, ограничената јавна свест и нецелосната законска регулатива го забавуваат развојот на циркуларните практики во градежниот сектор.

Во обид да се намали отпадот и да се воведат поодржливи практики, регионалните иницијативи како „Western Balkans Circular Economy Hub“   организираат онлајн дебати и состаноци за циркуларноста во  градежништвото.

Учесниците, на неодамнешната дебата, ја потенцираа потребата од законски и инфраструктурни подобрувања, како и соработка помеѓу институциите, приватниот сектор и граѓанските организации за подобро управување со градежниот отпад.

– Во Република Македонија, управувањето со градежниот отпад и бетонскиот шут останува сериозен предизвик. Голем дел од отпадот и понатаму завршува на депонии, без селекција и третман, поради недостигот од специјализирани постројки, јасни регулативи и јавна свест. Сепак, растечкиот интерес за циркуларните модели и регионалните иницијативи укажуваат дека постои потенцијал да се препознае бетонскиот шут како ресурс, а не како товар – се очекувањата за Македонија.

Глобално, бетонскиот шут е еден од најобемните отпадни материјали создадени при рушењето на зградите и на инфраструктурата. Традиционално, тој се дроби и се користи како замена за чакалот во нов бетон или за насипи. Сепак, експертите предупредуваат дека овој пристап го искористува само делумниот потенцијал на материјалот и сè уште има значително влијание врз животната средина.

Истражувањата нудат нови решенија. Студија на Максенс Гранжо од Федералниот институт за технологија во Лозана покажува дека може да се користат големи, рамни парчиња бетонски шут за изградба на ѕидови од еден слој, без дополнително дробење. Овој пристап ја зголемува циркуларноста на градежните материјали, го намалува јаглеродниот отпечаток и овозможува повторна употреба на отпадот како структурен елемент.

Практичните примери од Европа покажуваат дека рециклираниот бетон не е само техничка опција туку и нов архитектонски предизвик, бидејќи рециклираните ѕидови и модули овозможуваат нови геометриски форми, дигитални алатки за прецизно планирање и естетски израз што ја нагласува внатрешната структура на материјалот. Студијата од 2023 година, во Лозана, покажува дека ваквите конструкции може да бидат елегантни, стабилни и со минимално, дополнително материјално вложување.

Глобално, градежната индустрија сè уште е силно зависна од природните агрегати (песок, чакал, дробен камен), што води до исцрпување на ресурсите и има зголемени емисии на јаглерод. Стратегиите за циркуларна економија во ЕУ и пошироко ја ставаат рециклираната суровина во центарот на плановите за одржлив развој на секторот. Големите градежни компании веќе инвестираат во  рециклирачки капацитети за бетон и други материјали, што ја потврдува економската, а и еколошката важност на овој тренд.

Инженерите сметаат дека рециклираниот бетон нуди двојна придобивка: еколошка и архитектонска и има потенцијал да ја трансформира градежната индустрија од отпадна во ресурсно ориентирана. Примерите од истражувањата и практиката покажуваат дека рециклираниот бетон нуди двојна придобивка: еколошка и архитектонска. Кај рециклираниот бетон, природниот агрегат се заменува со нов направен од рециклирани материјали, што му дава на новиот производ дополнителна флексибилност и приспособливост. Може да се користи за потпорни sидови, патишта и за тротоари, но, исто така, и за некои видови конструкции. Една неодамнешна студија покажала дека рециклираниот бетон има поголема цврстина на притисок по 28 дена стврднување и дека задржува поголема или еднаква јачина. Поради ова, се сугерира дека овој вид бетон може да биде 100 отсто замена, се разбира, само за неструктурните делови на зградите.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ