Вицепремиерот Александар Николоски апелира до Европската Унија македонските и регионалните превозници да бидат ослободени од новите правила за електронска евиденција при влез во Шенген-зоната. Тој предупредува дека нивната примена ќе предизвика сериозни последици врз транспортниот сектор, челичната индустрија и врз целокупната економија на Западен Балкан, додека Брисел тврди дека со новиот систем не се менуваат постојните правила
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, упати апел до Европската Унија македонските превозници да бидат ослободени од новите правила за електронска евиденција при влез во Шенген-зоната, предупредувајќи дека нивната примена ќе предизвика сериозни удари врз домашната и врз регионалната економија.
Одговарајќи на пратеничко прашање на собраниска седница, Николоски изјави дека Владата целосно ги разбира револтот на транспортерите и најавениот протест од понеделник, во кој ќе учествуваат превозници не само од Македонија туку и од целиот регион на Западен Балкан. Според него, новите правила директно ќе ја намалат работата на транспортните компании и ќе имаат негативни последици врз транспортниот сектор и врз челичната индустрија.
Николоски посочи дека Владата повеќе од една година води разговори со претставниците на Европската комисија со цел да се надмине овој, како што го оцени, сериозен проблем, но засега без конкретен резултат.
– Последната средба ја имав во декември, во Брисел, со еврокомесарот за транспорт, Апостолос Цицикостас, и со генералната директорка за мобилност и транспорт, Магда Копцинска. Им укажав дека ваквите правила може да значат економска штета за целиот регион и затворање на бројни странски инвестиции, вклучително и од земји членки на ЕУ – изјави Николоски.
Тој нагласи дека формалното образложение на Европската комисија – дека правилото за престој од 90 дена во период од 180 дена останува непроменето – не ја отсликува реалната состојба на терен.
– Превозниците не се туристи, не одат за туризам, ниту се луѓе што одат на посета, туку се луѓе што работат. Тие не можат да извадат работни визи бидејќи немаат работодавец во конкретната земја членка на ЕУ, а најчесто проблем е тоа што само транзитираат – истакна вицепремиерот.
Николоски додаде дека Владата континуирано одржува средби со стопанските комори, транспортните асоцијации и со странските инвеститори, со цел заеднички да се изнајдат решенија и да се изврши притисок за промена или одложување на новите правила. Во таа насока, Министерството за надворешни работи веќе е задолжено официјално да се обрати до Европската Унија.
Тој предупреди и за дополнителни проблеми, како што се каргосертификатите и квотите за извоз на челик, оценувајќи дека Западен Балкан не смее да се третира како „трета земја“.
– Не може извозот на челик од регионот да се става во иста квота со Кина. Со вакви политики, челичната индустрија може целосно да колабира. „Фени“ се затвори со вакви линеарни политики на ЕУ, можеме да заклучиме само што ќе се случува со големите производители на челик од земјава – рече Николоски, потсетувајќи на веќе затворените капацитети и на потенцијалниот ризик за големите производители во земјава.
Вицепремиерот најави дека Владата ќе продолжи интензивно да работи на надминување на предизвикот, со цел заштита и стабилизација на транспортниот сектор и на економијата, како во Македонија така и во целиот регион.
Европската комисија се огласи по најавите за блокада на граничните премини од страна на превозниците од Западен Балкан, поради воведувањето на новиот систем за влез и излез (ЕЕС) на Европската Унија. Протестот е најавен за 26 јануари, за кога возачите планираат блокирање на товарните гранични терминали кон земјите од Шенген- зоната.
Портпаролот на Европската комисија за внатрешни работи, Маркус Ламерт, изјави дека ЕЕС не воведува нови правила за престој во Шенген-зоната, туку има цел подобро спроведување на веќе постојните прописи и систематско откривање на неправилностите.
– Она што го прави ЕЕС е да обезбеди подобро спроведување на постојните правила – изјави Ламерт, отфрлајќи ги тврдењата на здруженијата на превозници дека новиот систем ќе ги остави професионалните возачи без работа.
Тој нагласи дека Европската комисија внимателно ја следи состојбата и е во постојан контакт со партнерите од Западен Балкан, потенцирајќи дека со воведувањето ЕЕС не се менуваат правилата за краток престој во Шенген-зоната.
Според важечките правила, државјаните на трети земји без виза можат да престојуваат во Шенген-зоната најмногу 90 дена во период од 180 дена, додека секој подолг престој мора да биде регулиран со виза за долг престој или со дозвола издадена од земја членка.
Ламерт посочи дека постои и одредена флексибилност во системот, особено за превозниците што често ја минуваат истата гранична точка.
– Лицата со локална дозвола не се обврзани да се регистрираат во ЕЕС при секој влез. Дали ќе се вршат проверки, зависи од земјите членки на надворешните граници, а не од Европската комисија – истакна тој.
И покрај ваквото појаснување од Брисел, превозниците од Западен Балкан остануваат на ставот дека не е соодветен третманот на професионалните возачи и дека ограничувањето на престојот во Шенген-зоната сериозно ги отежнува нивните секојдневни работни активности, поради што протестите и блокадите за 26 јануари остануваат најавени.
(С. Бл.)












