Македонија ѝ се приклучува на најголемата аматерска спортска манифестација за деца и млади во Европа – „Спортски игри за млади“. Токму затоа во Владата на Република Македонија и официјално беше потпишан договор за соработка и нашата земја стана дел од оваа престижна меѓународна платформа.
Потпишувањето на договорот го реализираа Елена Мицковска, претседателка на Федерацијата на училишни спортови на Македонија, и Здравко Мариќ, претседател на „Плазма спортските игри за млади“.
На потпишувањето на договорот меѓу меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ и Федерацијата на училишни спортови присуствуваа и премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски.
– Првпат сме во Македонија и веруваме дека ова ќе биде чекор напред. Сакам да ги повикам децата да учествуваат и преку спортот да запознаат многу пријатели. Најдобрите ги очекуваме на најдоброто финале во Сплит – рече претседателот на „Плазма спортските игри“, Здравко Мариќ.
Според премиерот Мицкоски, со ваквиот чекор земјава прави синегрија меѓу младите и спортот.
– Важно е да ги научиме младите дека иднината е во нив. Можам да зборувам како неуспешен спортист, но спортот остана секогаш во мене и затоа, како Влада, првпат формиравме Министерство за спорт. Мислам дека полека, но сигурно ги поминуваме успешно првичните предизвици и почнуваме да функционираме – рече Мицкоски, зборувајќи за себе како кошаркар, кого животот го насочил кон поинаква патека.

Што претставуваат „Спортските игри за млади“?
Оваа иницијатива нуди уникатен простор каде што децата и младите, без разлика на своето спортско искуство, можат да се натпреваруваат, да се дружат и да учат за вредностите на спортот, и сето тоа бесплатно. Натпреварите се организирани според професионални стандарди и опфаќаат 10 спортски дисциплини: мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика (трки на 60 метри), граничар.
Спортска програма низ цела Македонија
Активностите во Македонија ќе се реализираат во текот на април, мај и јуни 2026 година. Предвидени се 18 спортски дена во различни општини, со активно учество на училиштата, локалните заедници и со поддршка од националните спортски федерации. Очекувањата се дека над илјада деца од целата држава ќе учествуваат на овие настани.
Најдобрите поединци и екипи на државните натпревари ќе добијат шанса да патуваат на меѓународната завршница, која традиционално се одржува во Сплит, Хрватска. Таму ќе имаат можност да се натпреваруваат и да се дружат со своите врсници од другите земји учеснички.
Со приклучувањето кон „Спортските игри за млади“, Македонија застанува рамо до рамо со Хрватска, Словенија, Србија и со Босна и Херцеговина, земји каде што успешно се реализираат тие.
Покрај на меѓународното учество, Македонија паралелно работи и на градењето сопствена национална платформа. Целта е засилување на соработката помеѓу училиштата, општините и спортските федерации, создавајќи одржлив систем за промоција на здравиот начин на живот, физичката активност, соработката и ферплејот меѓу младите генерации. Овој проект, кој се одржува под покровителство на Меѓународниот олимписки комитет и Европската комисија, бележи почеток на една нова, позитивна ера за младинскиот спорт во нашата земја.
Спортските ѕвезди ги покануваат младите
Спортските легенди и амбасадори на „Спортските игри за млади“ испратија охрабрувачки пораки до македонските деца.
Славен Билиќ со ентузијазам најави: „Со огромно задоволство, сакам да ви кажам дека ‘Спортските игри за млади’ оваа пролет доаѓаат и кај вас. Првпат! Затоа, подгответе ги вашите патики, соберете ја екипата и дојдете на терен. Ве очекуваат многу насмевки, нови пријателства и вистинска спортска атмосфера“.
Жељко Обрадовиќ се потсети дека патот до врвот започнува со мали нешта: „Секој првак започнува од малите игралишта. Можеби, токму оваа пролет ќе видиме некоја нова спортска ѕвезда на ‘Плазма спортските игри за млади’“.
Горан Иванишевиќ, повикувајќи на заедништво, порача: „И затоа сакаме да ве видиме сите вас на теренот. Оваа пролет играме заедно“.
Еврокомесарот и амбасадор на Игрите, Јоханес Хан, ја нагласи суштината на овој проект: „Спортот не е само победа. Спортот е социјализација, почит и ферплеј. Ги покануваме сите деца да се пријават и да бидат дел од ова искуство. Да покажеме дека играме најдобро кога играме заедно“. (С. Т.)












