Наградата за најдобар стендап комичар за 2025 во Велика Британија, месецов, му беше доделена на Македонецот Влад Илиќ, актер што ја започна својата кариера во проектите во Кумановскиот театар. Настанот се случи во култниот „Комеди стор“ (Comedy store) во Лондон, а престижната титула ја доби во конкуренција на 700 комичари од Обединетото Кралство.
Веднаш по добивањето на наградата, Илиќ посочи дека е среќен што сите изминати години активно занимавање со стендап се крунисани со награда. Како што додаде, таа е признание, но и потврда за влогот, енергијата, но најмногу за хуморот што го изведува, а е особен и веќе препознаен.
Она што го издвојува од другите комичари се токму нашата култура, нашиот менталитет и уникатниот начин на изразување.
– Дали е тоа во фонетиката, во фразите што ги користиме секојдневно, што ни овозможува да го погледнеме животот малку понесериозно, малку пообјективно од другите култури? Можеби, секогаш ќе губиме од Англија во фудбал, ама за хумор нè бидува – истакна, меѓу другото, Илиќ по добивањето на наградата.
Наградата вклучува и чек од 10.000 фунти, кои актерот, како што кажа на шеговит начин, ќе ги даде во хуманитарни цели – на братучедите.
Инаку, инспириран од стендап настапите на нашите познати актери Сашко Коцев, Тони Михајловски, Маријан Ѓорѓиевски… се насочува кон сценската комедија. Патот до успехот во Англија и титулата најдобар стендап комичар во Велика Британија за 2025, кажа, е долг, макотрпен и подразбира развој од аматерски настапи до присуство на култните сцени.
Тој се занимава со стендап 10 години, а настапува на четири јазици: англиски, македонски, српски и италијански.
– Ништо не е случајно на натпревар од вакви размери. Да, среќата игра мал дел од овој успех, но сега се препознаени сите доцни вечери во кои или настапував или пишував нови шеги и токму тие се главната причина зошто и како се најдов во финалето – посочи Илиќ.
Додаде дека ја црпи мотивацијата од љубовта кон професијата, поддршката на семејството, како и од гордоста што ја чувствува на секој настап, претставувајќи ја татковината. Тој пламен, додава, го грее и во најстудените денови на тој врнежлив остров.
Фото: Јутјуб












