Македонецот Бобан Цаневски ќе пее на легендарниот „Сан Ремо – Сениор 2025“ – баладата „Арија“ е неговиот мотив за победата

29

Со хит-песна од репертоарот на Тоше Проески!

Пејачот Бобан Цаневски, кој  многу добро го знаеме како одличен клупски пејач, а уште подобро го паметиме од балканското шоу „Никогаш не е доцна“, кога победи според СМС-гласовите, деновиве е во голем позитивно-распеан хаос.

Тој ќе ја претставува Македонија на наредното издание на Гала-фестивал на забавна музика со меѓународна популарност, легендарниот „Сан Ремо“ во Италија.

Одбран е од страната на организаторот да настапува на вечерта која е насловена како „Сан Ремо – Сениор“.  Боби ќе ја изведе познатата песна „Арија“ а, која првпат на италијански јазик, во дует ја пееја нашиот Тоше Проески и италијанската поп-дива, победничката на „Сан Ремо“, сјајната Џана Нанини. Оваа прекрасна балада Тоше и Џана премиерно ја пееја на концертот во белградската „Арена“ пред 15 илјади обожаватели на македонскиот ангел.

По поводот настапот на „Сан Ремо“, познатиот македонски поп и фолк пејач, изјави:    – Драги пријатели, ми претставува огромна чест и задоволство да ве известам дека овој октомври ќе ја претставувам Македонија надвор од границите. Поточно, избран сум да настапувам на еден од најистакнатите фестивали во Европа, на „Сан Ремо – Сениор“ во Италија! Ќе се претставам со песната „Арија“– која во својата оригинална верзија ја пеат Тоше Проески и Џана Нанини. Тоа ќе биде едно големо естрадно искуство за мене. Посебно ми значи што токму на таков начин ќе ја збогатам мојата музичка кариера! Ако ништо друго, барем ќе ја видам Италија, раскажа на духовит начин во својот шегобиен стил, распеаниот Боби.

Да му посакаме среќа, успех и одличен пласман. Сепак, „Сан Ремо“ е голем пејачки залог за секој вреден уметник. А, тоа е нашиот Бобан Цаневски. Тој и дома во Македонија, никогаш не седи со скрстени раце. Минатата година направи забележителни успеси со верзиите на популарните македонски народни песни „Налеј, налеј“ и „Послушајте патриоти“. Сега останува македонскиот пејач да го послушаме и во Италија на „Сан Ремо“. Со големо искрено задоволство.   (Д.М.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ