Поддршката за членство на Македонија во Европската Унија повторно е во пораст и првпат по неколку години надминува 70 отсто, покажува најновото истражување на Институтот за демократија „Социетас цивилис“. Иако граѓаните во големо мнозинство ја гледаат ЕУ како најдобра опција за иднината на државата, процесот на евроинтеграции останува обременет и со скептицизам, чувство на неправда и длабоки етнички разлики, особено околу уставните измени и внесувањето на Бугарите во Уставот. Истражувањето открива дека додека расте поддршката за ЕУ и кај етничките Македонци и кај Албанците, јазот во ставовите за начинот на кој треба да се продолжи кон членството е сè поизразен.
Резултатите од истражувањето „Анализа на јавното мислење за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (2014 – 2025)“ на Институтот за демократија – „Социетас цивилис“ – Скопје, кое беше презентирано во Собранието, покажуваат дека вкупно 71 отсто од населението поддржува членство во ЕУ, што е за речиси десет проценти повеќе во споредба со претходната година. Во благ пораст се и евроскептичните ставови и изнесуваат 14 проценти од населениетo, за разлика од 2024, кога изнесувале 11 отсто. Долготрајната разлика во поддршката за членство во ЕУ меѓу двете најголеми етнички групи – етничките Македонци и етничките Албанци е намалена. Вкупно 71 отсто од етничките Македонци ја поддржуваат кандидатурата на државата за членство во ЕУ, што претставува зголемување од 15 отсто во споредба со претходната година. Кај етничките Албанци, пак, континуирано се изразува силна поддршка за аспирациите на земјава за членство во ЕУ. Таа поддршка се задржува и во 2025 година, при што 76 отсто од испитаниците од оваа група се изјасниле позитивно. Сепак, овој процент е понизок за 8 отсто во споредба со претходната година.
Соседите најголема пречка
Се зголемил и бројот на испитаници што веруваат дека државата ќе стане членка на ЕУ во наредните три до пет години и во 2025 година изнесувал 30 проценти. Деветнаесет отсто од населението, пак, се песимисти во однос на перспективите на земјава за членство во ЕУ. Вкупно 60 отсто од испитаниците сметаат дека членството во ЕУ не би го запрело трендот на иселување на младите од земјава.
Според истражувањето, над 60 отсто од населението верува дека во изминатата година бил остварен напредок во процесот на пристапување, а 40 отсто од испитаниците сметаат дека државата е подготвена да стане земја членка. Истражувањето покажува дека 46 отсто од населението смета дека опструкциите од соседните држави се најголемата пречка за напредокот на Македонија кон членство во ЕУ.
– Тоа што го следиме веќе три години наназад е дека поддршката за уставни измени останува на 24 отсто и тука постои очигледен јаз помеѓу етничките Македонци и етничките Албанци. Всушност, покажуваат дека 57 отсто од етничките Албанци се за уставни измени, а само 11 проценти од македонските испитаници се за уставни измени – рече Анамарија Велиновска, истражувач во Центарот за европски интеграции при ИДСЦС.
Марко Трошановски, претседател на ИЦДС, истакна дека првпат оваа година, по неколку години пад, поддршката за ЕУ бележи значителен пораст од 15 проценти и надминува 70 отсто, особено кај етничките Македонци, што не беше случај изминатите години, поради големите фрустрации низ кои поминавме во процесот на пристапување. Според него, она што е интересен податок е дека ЕУ продолжува и понатаму да се смета за најважен и највлијателен сојузник на земјата и во контекст на актуелните геополитички превирања, очигледно е дека граѓаните се наклонуваат кон онаа алтернатива или опција во која гледаат најголема сигурност, безбедност и перспектива.
– Токму геополитичката несигурност придонесува за тоа граѓаните да се наклонуваат кон опцијата што ја сметаат за најдобра, а тоа е Европската Унија. Околу прашањата што треба да правиме во врска со интеграциите, има и опција дали треба да се промени францускиот предлог, односно преговарачката рамка, околу една четвртина од граѓаните сметаат дека Македонија треба да работи на промена на таа рамка, нешто што е резултат на претходните насоки што ѝ ги давале политичките партии на јавноста, меѓутоа нешто што е невозможно да се случи, што покажува дезинформираност на јавноста, произлезена од политичките настапи или наративи на кои се изложени граѓаните – истакна Трошановски.
ЕУ – најдобра опција
Официјалниот претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, Даниел Браун, посочи дека е важно да се спомене дека мнозинството од Македонците сè уште ја сметаат ЕУ за најдобра опција во поглед на економскиот развој, и тоа сè уште се смета за најдоброто решение.
– Сепак, се гледаат многу промени кај големите политички партии, па така понекогаш се смета дека ЕУ е добра опција, некогаш не, ама тоа е нормално дури и за во Германија, каде што може да има различно мислење за политичките партии. Сепак, мора да се земе предвид дека над 40 проценти од граѓаните сметаат дека пристапниот процес кон ЕУ е нефер и тоа е нешто што мора да се почитува – рече тој.
Претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонио Милошоски, рече дека немало дилема за членството во ЕУ како цел, туку дилемата била како да се стигне до тоа членство и зошто се менуваат условите во текот на овој процес – за разлика од тоа кога сме почнале и кога сме биле кандидат за членство.
– Сметам дека е оправдана фрустрацијата на дел од македонските граѓани, затоа што во нашиот случај многу често се менуваат условите на игра и се поставуваат одредени пречки што немаат суштински допир со Копенхашките критериуми. Затоа сметам дека би требало ЕУ да биде поотворена и поискрена во своите намери – кои се плановите со сите држави од Западен Балкан – рече Милошоски.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции и лидер на опозициската СДСМ, Венко Филипче, ја обвини Владата за антиевропска реторика и за несработена домашна работа. Филипче повтори дека актуелната Влада свесно ја носи државата во изолација.
– Очигледно е дека Владата не прави ништо, а не правејќи ништо, ние ќе бидеме сè поизолирани и не се само превозниците, многу други граѓани имаат проблем на повеќе нивоа, повеќе работи се под ризик во земјава, студентите ќе можат да студираат за десет пати помалку ако сме земја членка на ЕУ, наспроти сега, а, исто така, и ограничување на движењето – истакна Филипче.
Рокас: Сите се „за“ ЕУ
– Вратата на Европската Унија е ширум отворена. Северна Македонија има целосна поддршка да влезе во ЕУ и сметам дека во овој момент е неопходно земјата да се обедини, Владата, опозицијата, Собранието, граѓанското општество, бизнисите и младите да бидат прагматични, да ги забрзаат реформите, порача вчера евроамбасадорот во земјава, Михаил Рокас, во Собранието. Рокас уверува дека иако анкетата покажала дека граѓаните сметаат оти надворешниот фактор е пречка за влез во Унијата, доколку се случи внатрешно обединување, ќе се надминат другите пречки, и изрази задоволство што, според анализата, ЕУ е партнерот со најголема доверба.
– Поголема е поддршката од младите. Многу е важно што и младите ја поддржуваат, односно младите покажуваат дека тоа е иднината. Ветер во гради е што различните етникуми или учеството од политички партии се стеснува, има помал јаз. Сите се „за“ ЕУ. Забележуваме дека граѓаните ги одразуваат и приоритетите на планот за пораст на ЕУ и агендата за реформи, поточно заштитата на животната средина, но и реформите на судството и борбата против корупцијата, истакна Рокас.
Амбасадорката на Германија во земјава, Петра Дрекслер, истакна дека е најважно што намалувањето на довербата меѓу населението е запрено, а кредибилитетот на процесот на пристапување е зголемен.
– Од страна на ЕУ имаме значително инвестирано за тоа и со планот за пораст и со договорите за реформските агенди што ги осмислуваат владите и земјите, истакна Дрекслер. (В.С.Н.)












